• Спортските игри за млади нудат платформа на која младите можат да се натпреваруваат во десет спорта и да го доживеат спортот во безбедна и охрабрувачка средина, учејќи за важноста на физичката активност, соработката и ферплејот, информира Министерството за спорт

Меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ пристигнува во Македонија. Во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски и високи претставници од политичката и од бизнис-заедницата, како и меѓународни претставници и истакнати спортски легенди, заштитни лица на Игрите, утре во Владата на Република Македонија официјално ќе биде потпишан договорот со кој Македонија ѝ се приклучува на оваа голема меѓународна платформа, со која почнува ново поглавје за младинскиот спорт во земјата, информираат од Министерството за спорт.
Под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет, Европската комисија и други важни организации, „Плазма спортските игри за млади“ нудат платформа на која младите можат да се натпреваруваат во десет спорта и да го доживеат спортот во безбедна и охрабрувачка средина, учејќи за важноста на физичката активност, соработката и ферплејот. Договорот ќе го потпишат Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија, и Здравко Мариќ, претседател на „Плазма спортските игри за млади“. Со оваа соработка помеѓу националните партнери и меѓународната платформа се отвора можност над илјада деца од различни општини во Македонија да учествуваат во организирани и инклузивни спортски натпревари преку кои се промовираат ферплеј-вредностите, здравиот начин на живот, инклузија и пријателство меѓу младите, пишува Министерството за спорт. Спортските игри за млади ќе опфатат натпревари во мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика и граница, за момчиња и за девојчиња. Тие ќе се одржуваат во април, мај и јуни годинава, преку 18 спортски дена, во кои ќе бидат вклучени училиштата и локалните заедници низ целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци и екипи од државните натпревари во Македонија ќе патуваат на меѓународната завршница на игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.
Македонија со пристапувањето кон оваа меѓународна платформа им се приклучува на Хрватска, Словенија, Србија и БиХ, кои веќе ги имаат имплементирано игрите. Истовремено, Македонија креира и сопствена национална платформа со акцент на младите, како и засилување на соработката на училиштата, општините, националните спортски федерации и бизнис-заедницата во домашни рамки и на регионалната спортска сцена, информираат од Министерството за спорт. Г.И.