Фото: ЕПА

Сите четири репрезентации што се во полуфиналето на годинашниот Мундијал за ватерполисти беа во полуфиналето и на СП 2023

ВАТЕРПОЛО

Деветто светско првенство во ватерполо во низа во полуфиналето ќе играат европски репрезентации, а овој пат на 22-от Мундијал што се игра во Сингапур двојките се Грција – Шпанија и Србија – Унгарија. Двете средби на програмата се денеска. На сите досегашни светски првенства во ватерполо медалите ги освојуваа репрезентации од Европа.
Меѓу четирите најдобри селекции годинава се олимпискиот првак Србија и европскиот шампион Шпанија, кои можат да освојат двојна круна. Во четврт-финалето Грција ја победи Италија со 17-11, Шпанија славеше на дуелот со Црна Гора со 14-5, Србија победи на мечот со САД со 14-9, а Унгарија го совлада актуелниот светски првак Хрватска со 18-12.
Од полуфиналистите на СП 2025 меѓу четирите најдобри на претходното планетарно првенство, одиграно во 2024 година, во Катар, беше Шпанија (освои бронзен медал), а сите четири репрезентации што се во полуфиналето на годинашниот Мундијал беа во полуфиналето и на Светското првенство во 2023 година.
Во дуелите за пласман од петтото до осмото место денеска ќе играат Италија – Црна Гора (10 ч.) и САД – Хрватска (14 ч.), во мечот за пласман на деветтото се среќаваат Јапонија – Романија (4.35 ч.), а за 11-то место Бразил – Канада (3 ч.). Пласман од 13-то до 16-то место на СП 2025: Австралија, Кина, Сингапур, Јужна Африка. Н.М.


ПРЕТХОДНИ 10 СВЕТСКИ ПРВАЦИ

ГОД. РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
2007 Хрватска
2009 Србија
2011 Италија
2013 Унгарија
2015 Србија
2017 Хрватска
2019 Италија
2022 Шпанија
2023 Унгарија
2024 Хрватска