Шахот не е само популарна игра и спорт, тој често се гледа како олицетворение на способноста на човечкиот ум да размислува стратегиски, да планира и да предвидува. Сингапур ги отелотворува тие квалитети, изјави извршниот директор на ФИДЕ, Емил Сутовски. Мечот за светски првак годинава, помеѓу бранителот на титулата Динг Лирен од Кина и Домарају Гукеш од Индија, ќе има сензационален награден фонд од 2,5 милиони долари

ШАХ

Шаховската федерација на Сингапур ќе биде домаќин на мечот за светски шаховски првак за 2024 година помеѓу бранителот на титулата Динг Лирен од Кина и младиот предизвикувач Домарају Гукеш (18) од Индија, кој во април годинава победи на Турнирот на кандидатите во Торонто (Канада). Светската шаховска федерација (ФИДЕ) доби три апликации за домаќин на овој дуел, од Њу Делхи (Индија), Ченаи (Индија) и од Сингапур. По разгледувањето на понудите и проверката на трите потенцијални градови домаќини за нивните места и можности, ФИДЕ го избра Сингапур за домаќин на мечот.
– Одушевени сме што првпат во историјата на ФИДЕ меч за светски првак ќе се одржи во Сингапур. Сингапур не само што е еден од најпознатите светски туристички и деловни центри туку е и просперитетен шаховски центар со големи амбиции и таленти. Би сакал да им се заблагодарам и на другите понудувачи, Њу Делхи и Ченаи. Двата града се познати шаховски центри со богата историја на домаќини на шаховски настани и уверени сме дека и во иднина ќе видиме таму големи шаховски настани – рече претседателот на Светската шаховска федерација, Аркадиј Дворкович, пренесе официјалната интернет-страница на ФИДЕ.
Мечот за светски шаховски првак, кој може да се пофали и со сензационален награден фонд од 2,5 милиони долари, треба да се одржи помеѓу 20 ноември и 15 декември годинава и ќе се состои од 14 партии. Шахистот што ќе освои 7,5 поени или повеќе ќе биде победник. Доколку резултатот е израмнет по 14 партии, победникот ќе се решава со дополнителни партии со забрзано темпо на игра, пишува ФИДЕ.
– Светската шаховска федерација е искрено среќна што ќе го донесе мечот за светски првак во Сингапур. Шахот не е само популарна игра и спорт, тој често се гледа како олицетворение на способноста на човечкиот ум да размислува стратегиски, да планира и да предвидува. Сингапур ги отелотворува тие квалитети – изјави извршниот директор на Светската шаховска федерација, Емил Сутовски. Г.И.