ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (315)

Борче Митевски (2)

Митевски за да напредува ја смени клупската средина и од БК Скопје замина во БК Куманово. Таму имаше неколку меча што долго ќе се паметат, а стигна и до вицешампионската титула во тешка категорија во поранешната држава

Еден од ретките македонски боксери што откако имаше успешна кариера замина во политиката е Борче Митевски. Момчето од Петровец, кое кариерата ја почна во БК Скопје, за потоа да ја продолжи во БК Куманово, зад себе остави резултати што ќе се паметат. Но тој сакаше да се докаже и на друг план, не само на спортскиот. Меѓутоа, малкумина знаеја оти боксерскиот ас има афинитети и кон политиката, па веројатно не можејќи да ги поврзат овие две работи, беа малку зачудени кога се појави и на политичката сцена. Но, ете, и тоа се случи. И не само што се случи туку тој дури во четири изборни циклуси победуваше и остануваше на челната позиција во Општината, на која и денес се наоѓа. Жителите од Петровец очигледно се задоволни од неговата работа, зашто тие од поодамна имаа почувствувано оти економистот Митевски е народен човек, кој ги разбира нивните проблеми и секому сака да му излезе во пресрет и да му помогне. Така, како што успешно чекореше на рингот, храбро и непоколебливо зачекори и на политичката сцена. Очигледно е оти онаа издржливост и храброст што ја манифестираше на рингот многу му помогна понатаму во професионалната определба да биде политичар. И овде, исто како на рингот, не се предава, туку секојдневно настојува да ги решава проблемите. Поради неговата посветеност и напорите што ги вложува за напредокот на општината стана омилен меѓу жителите. Тие му веруваат, зашто она што тој ќе го вети и го исполнува.

Впрочем, променетиот визуелен лик на Петровец, како општина, најубаво го потврдува тоа. И нешто друго што е битно за оние што ја извршуваат градоначалничката функција, неговата врата за секого во секој момент е отворена.
Но сега да продолжам со боксерската биографија на Борче Митевски, кој несомнено заедно со Азис Салиху е најпознат „тешкаш“ во Македонија. Инаку, двајцата имаа различни патишта во текот на кариерата, Салиху уште како млад замина во Јагодина, која имаше силен боксерски прволигаш, а Митевски остана дома и прво боксуваше за Скопје, а потоа и за Куманово.

ВО ЗАГРЕБ СТИГНА И ДО ВИЦЕШАМПИОНСКА ТИТУЛА

За секој спортист од Македонија, додека живеевме во поранешна Југославија, беше голема работа на државните првенства да се пласира меѓу најдобрите и да стигне до репрезентацијата.
– Желбата на секој од нас беше иста, да се освои медал на поединечните првенства на Југославија. Јас, кога ги бранев боите на Скопје, а потоа и на Куманово во лигашките натпревари, сиот се вложував во борбите и настојував да освојам бодови за својата екипа. Но кога се работеше за поединечен настап, тоа беше нешто друго. Овде не се работеше за победа што ќе донесе бодови, туку дали ти како поединец ќе успееш да се искачиш на победничкиот пиедестал. Нема да ја заборавам 1989 година, кога пред распадот на поранешна Југославија станав нејзин вицешампион во тешка категорија. Можеби и јас по тие мечеви ќе станев репрезентативец, ако не дојдеше брзото распаѓање на државата во која дотогаш живеевме. Но тоа е веќе минато, сега да се вратам на шампионатот во Загреб на кој бев втор и да ги опишам моментите, кои беа многу интересни и на кои и денес се сеќавам како сето тоа да се случило вчера. Под водството на искусниот тренер Мирослав Петровиќ, кој навистина е еден од најзаслужните за напредокот на боксот, не само во Куманово туку и во Македонија, ги поминав без проблеми првите две борби. Кога стигнав во полуфиналето, тука веќе ме чекаше еден поранешен првак на Југославија – Србинот Ковачевиќ. Борбата со него ги изненади сите. Тој, иако на хартија се сметаше за голем фаворит, во првата рунда, по еден силен директ, доживеа нокдаун, малку недостигаше и да го нокаутирам. Во втората рунда бев осоколен од она што се случи во првата рунда и продолжив со агресивна борба. Тогаш, како што ми рече по мечот и самиот Ковачевиќ, тој ги доживеал најтешките моменти. Неколкупати го доведов во ситуација да се „тетерави“ на рингот и одвај да се задржа на нозе. Во последните три минути јас ја смирив борбата, тактизирав и ги одбегнував налетите. Така дојдов до победа, која ми го отвори патот за финалето. Но мечот со Ковачевиќ многу ме исцрпи, така што во завршната борба против Андриќ од Риека немав сили и бев поразен. Сепак, бев презадоволен од освоениот сребрен медал – вели Митевски.

СПЕКТАКЛИ СО РУДОЊИЌ

Секој боксер има мечеви на кои посебно се сеќава. Митевски, покрај победата во Загреб против Ковачевиќ, често ги споменува, како што вели, двата спектакуларни настапа и две победи против Црногорецот Ратко Рудоњиќ.
– Ми се чини оти против него избоксував најдобро во мојата кариера и ги задоволив боксерските гурмани. Првиот дуел ни беше на негов терен, во Никшиќ, во меч од Втората југословенска лига. Рудоњиќ беше искусен тешкаш, кој беше опасен и непобедлив, особено на домашен ринг. Случајот сакаше првиот наш дуел да биде во Никшиќ, јас бев тежок 90, а тој 130 килограми. Инаку, овој град беше еден од боксерските центри во Црна Гора, па не беше ни чудно што борбите се одржуваа пред повеќе од 4.000 гледачи. Така беше кога и јас требаше да ги вкрстам ракавиците со миленикот на никшиќани. Трибините беа преполни и кога одев кон рингот си реков „Борче, ајде сега, да видиме кој ќе биде подобар“. Ги стегнав забите и подготвен за она што ме очекуваше се качив на рингот. Пред стартот на борбата публиката го извикуваше неговото име – „Ратко, Ратко…“, што беше очигледно оти таа од него очекуваше сигурна победа и два бода за екипата на Никшиќ. Конечно гонгот го означи почетокот. Рудоњиќ, кој малку ме потцени, оти бев помлад од него, а и со помало искуство, а тој се сметаше за ас на југословенските простори, тргна во еден силен и отворен напад. Мислеше оти ќе ме заплаши, но јас со тренерот Мирослав Петровиќ претходно добро го имавме проучено неговиот начин на борба. Кога боксуваше на свој ринг секогаш од почеток одеше офанзивно, за да ги предупреди ривалите со кого си имаат работа. Но кај мене тоа не помина, јас бев внимателен и постојано ги слушав довикувањата од Петровиќ. Ја водев борбата како што се договоривме и во првата рунда Рудоњиќ не успеа да ја реализира својата замисла. Втората рунда е приказна за себе, тој очигледно беше решен да оди на нокаут, но уште во првиот негов налет го начекав со контраудар од кој малку се зашемети. Потоа, разлутен од она што му се случи, уште пожестоко тргна во напад и повторно на ист начин со контра го сопрев.

Рудоњиќ во тие моменти поддржан од гледачите комплетно се отвори. Јас го чекав токму овој момент, ја презедов иницијативата и со неколку брзи удари во два наврата го доведов во нокдаун. Тој се „тетеравеше“ на рингот не можејќи да сфати што го снашло. Третата рунда, во која бев многу посвеж од него, ја избоксував мирно и така, на изненадување на гледачите, дојдов до победа. Инаку, еден месец пред овој дуел Рудоњиќ со победата над Будимир Радиќ, и тоа со нокаут, стана шампион на Југославија – се сеќава Борче.

Три месеци подоцна во реваншот со Никшиќ, но овој пат на кумановскиот ринг, Ратко Рудоњиќ повторно ја доживеа истата судбина.
– И овој пат двапати беше во нокдаун и одвај се држеше на нозе, се нишаше како гранка, а тренерот Петровиќ ми довикуваше „нокаутирај го“. Судијата поради ова го оддалечи од рингот мојот тренер, а јас без поголеми проблеми го завршив овој меч со втора победа над Рудоњиќ. Двата дуела навистина беа спектакуларни и незаборавни – коментира Борче Митевски, сеќавајќи се на двете жестоки борби со Црногорецот.

Ова беа најинтересните моменти во кариерата на градоначалникот на Петровец, Борче Митевски, кои ќе ги памети целиот свој живот. Интересно е што кога ми раскажуваше како изгледале тие борби тој толку многу се соживуваше и се сеќаваше на секој детаљ. Добив чувство како сето тоа да се случува сега. Но интересно е оти Митевски може да ги пренесе највозбудливите моменти од сите негови борби. А, рака на срце, во текот на кариерата не беа малку, туку ја достигнуваа и бројката од 200 меча, во кои доживеа само 15-20 порази. Тоа зборува за една импресивна кариера, за една навистина боксерска легенда што своите квалитети ги демонстрира токму во најтешката категорија.