Новиот селектор Павличевиќ, кој во 2018 година беше во стручниот штаб на македонската репрезентација, за настапот во Европската сребрена лига ќе смета на одбојкарите што настапија на претходните две европски првенства. За Македонија тоа ќе биде седмо учество во Европската сребрена лига (четири втори места и по едно трето и четврто место). Вкупниот победник ќе се пласира во Европската златна лига
ПОДГОТОВКИ ЗА НАСТАП ВО ЕВРОПСКАТА СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонската машка одбојкарска репрезентација, под водство на новиот селектор, Србинот Ратко Павличевиќ, денеска во Маврово ги почнува подготовките за настапот во годинашното издание на Европската сребрена лига, кон крајот на мај и во почетокот на јуни. Македонија е во групата Б, со Романија, Албанија и со БиХ.
Во групата А се Унгарија и Финска, по откажувањето на Азербејџан, кои се сигурни за финалниот турнир што ќе се одржи во Будимпешта. Ним ќе им се придружат и двете најдобри селекции од групата Б. Вкупниот победник ќе се пласира во Европската златна лига, пишува Европската одбојкарска унија на својата интернет-сраница.
Павличевиќ, кој во 2018 година беше во стручниот штаб на македонската репрезентација, ќе смета на одбојкарите што настапија на претходните две европски првенства (ЕП), во Словенија во 2019 година и во Финска во 2021 година, и ќе се обиде, на седмото учество и по четирите втори места (и по едно трето и четврто место), конечно да триумфира во Сребрената лига. Потоа Македонија ја чека и настапот на Медитеранските игри, кои треба да се одржат кон крајот на јуни и во почетокот од јуни во Оран (Алжир), потоа на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, како и на пријателските натпревари, со цел создавање што поквалитетен состав за Европското првенство во 2023 година, на кое Македонија ќе биде кодомаќин.
На списокот на Павличевиќ се 24 репрезентативци, главно искусни и проверени, како и неколкумина млади и перспективни одбојкари. Состав: Никола Ѓоргиев (капитен), Стојче Арсов, Стефан Алексов (сите коректори), Ѓорги Ѓоргиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев, Давид Стојанов (плејмејкери), Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Васе Михаилов, Блертон Бафтијари, Ангел Бошков, Оливер Куновски (примачи), Филип Маџунков, Ристо Николов, Филип Савовски, Славе Наков, Филип Лепидовски, Михајло Мирасчиев, Христијан Андоновски (блокери), Дарко Ангеловски и Костадин Ричлиев (либера).
Павличевиќ во тренерската кариера работел со машкиот и со женскиот тим на Црвена звезда во Србија, во Ал Хилал во Саудиска Арабија, во Пафос и во Фоњикас во Грција, како и во Амрисвил и во Шеноа, во Швајцарија.