Во исчекување на слаломската трка: Зоран Јовановски

ИНТЕРВЈУ: ЗОРАН ЈОВАНОВСКИ, ЕДИНСТВЕН МАКЕДОНСКИ УЧЕСНИК НА
ЗПОИ ВО МИЛАНО КОРТИНА 2026

  • Условите во Олимпиското село се одлични, сместувањето е на високо ниво, изборот на храната добар, дружењето со колегите од другите репрезентации, особено од балканските држави, исто така одлично, вели Јовановски

Алпскиот скијач Зоран Јовановски е првиот македонски параолимпиец во независна Македонија што ќе настапи на Зимски параолимписки игри (ЗПОИ), кои се во тек и се одржуваат во Милано Кортина (Италија). Италија вторпат е домаќин на ЗПОИ, а Македонија има еден претставник. Јовановски ќе скија утре, на последниот ден од ЗПОИ во трката во слалом, класа седење ЛВ11. Со параскијање се занимава од 2019 година, а настапил и на Светското првенство (СП) во 2025 година. Придружуван од тренерите Јане Стефанов, Петар Илев, Вангел Тркаљанов, докторот Елвис Алексовски и шефот на мисијата и претседател на Македонскиот параолимписки комитет (МПОК), Бранимир Јовановски, тој ќе настојува да се покаже во што посветло издание и да оствари што подобар пласман. Јовановски, кој тука и го прослави својот роденден во вторникот, учеството на ЗПОИ 2026 го обезбеди со вајлд-карта доделена од Интернационалниот параолимписки комитет (ИПОК).

Какво е чувството да сте дел од Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано Кортина?
– Чувството е прекрасно. Од почетокот на 2025 година настапив на пет меѓународни трки во обид да освојам бодови за учество на овие Игри во Милано Кортина.
Дали постои одредена трема пред настапот, со оглед на тоа што за првпат сте дел од едни вакви Игри, а патем сте и единствен од Македонија?
– Секако дека постои трема, меѓутоа со моите тренери и со остатокот од тимот се обидуваме да ја сведеме на минимум и да ја насочиме кон позитивната страна, да ми стане поттик, а не пречка за настапот.
Колку сте задоволен од условите што постојат во Олимпиското село?
– Условите во Олимпиското село се одлични, сместувањето е на високо ниво, изборот на храната добар, дружењето со колегите од другите репрезентации, особено од балканските држави, исто така одлично.
Дали ја испробавте патеката по која ќе возите и како дејствува таа, тешка е за возење или во рамките на стандардните?
– Патеката ја немам пробано, бидејќи тренинзите се одвиваат на други патеки, не на натпреварувачката. Меѓутоа, патеката е иста како и на Зимските олимписки игри, така што визуелно ја познавам. Можеби не е толку тешка колку што е комплицирана, но сигурно е многу потешка и покомплицирана од оние на кои сум возел досега.
Според вас, што ќе биде пресудно за да извозите две добри слаломски трки?
– Смиреност, фокус, концентрација и голема самодоверба во себе дека можам да го направам тоа што сакам. Одам да се натпреварувам, па ќе видиме како ќе биде на крајот. Знаете, во спортот никогаш нема гаранција.

Бранимир Јовановски, Вангел Тркаљанов и Зоран Јовановски во Кортина

Колку години се занимавате со параскијање и каде имате настапувано досега?
– Со параскијање се занимавам од 2019 година, најпрво рекреативно, а во 2024 година за првпат настапив на ФИС-трка во Зурс, Австрија, каде што ги освоив првите ФИС-поени. Во февруари 2025 година настапив на Светското првенство во Марибор, Словенија, и на уште пет меѓународни трки.
Колку подршката од македонската експедиција и членовите што ве придржуваат на ЗПОИ во Италија ви помага што поподготвени да настапите?
– Нивната поддршка ми е многу потребна и значајна. Секој во тимот си ја извршува својата задача, ние со тренерите и тимот сме секојдневно на тренинзи. Многу сум им благодарен за залагањето на тренерите и на целиот тим што ме придружува тука.
Што треба да се стори за македонските параолимпијци и воопшто македонскиот параспорт да напредуваат повеќе, односно да се создадат уште поадекватни услови за успешен развој?
– Да се поддржуваат, почитуваат и финансираат програмите за развој на параолимпискиот спорт, тренажните програми на репрезентативците и нивните настапи на меѓународните натпревари, на кои ја афирмираат Македонија.
Кои се, според вас, главните фаворити за медал во слаломската трка?
– Има многу. Натпреварувачите од САД, Холандија, Норвешка, Нов Зеланд, Австралија се меѓу водечките. Но патеката, како што реков, е комплицирана, во претходните трки, кои се веќе завршени, имаше многу паѓања, но да се надеваме на најдоброто.
Дали Интернационалниот параолимписки комитет (ИПЦ) посветува доволно внимание на параспортистите од целиот свет или треба уште повеќе да се оди во насока на создавање поадекватни услови за побрз развој?
– Да, ИПЦ посветува доволно грижа за спортистите и тимовите што настапуваат во зимските спортови, но секако дека секогаш може повеќе.