КАРАТЕ – ВИКЕНДОВ ВО РИМ

  • Ќе биде тешко, но тој е добро подготвен и ќе атакува на медал, вели селекторот на Македонија (до 21 година), Петар Белистојаноски

Македонскиот каратист и младински репрезентативец, член на КК Олимпик од Скопје, Матеј Белистојаноски, од денеска до недела ќе биде дел од престижната Премиер-лига во карате, во Рим (Италија). Белистојаноски е единствениот македонски претставник што ќе се појави на татамите во ова силно натпреварување на кое ќе настапат најдобрите 32 каратисти во секоја категорија, поделени во осум групи. Вчера беше одржано мерењето, а денеска од 13.30 часот го очекуваат борбите во неговата група. За настап во Премиер-лигата во Рим се пријавени вкупно 377 каратисти од 64 држави.
– Белистојаноски моментно е 32. на светската ранг-листа во неговата категорија, до 67 кг, а кога се пријавивме за настапот во Рим, беше 29-ти. Во секој случај како дебитант во оваа лига, ќе биде тешко, но тој е добро подготвен и очекувам да атакува на медал – ни изјави селекторот на Македонија (до 21 година), Петар Белистојаноски.
Матеј Белистојаноски неодамна блесна на Европското првенство (ЕП) до 21 година, во Кипар, кога го освои златниот медал во истата оваа категорија, забележувајќи шест победи во низа. Тој по бронзата на ЕП за јуниори во Тампере (Финска) пред три години имаше пауза поради повреда, но со голема желба и труд се врати уште посилен. Овој златен медал тој го најави уште во Грузија во Серијата А, каде што со седум победи го освои првото место и влезе меѓу првите 32 на светската ранг-листа со право на настап на престижната Премиер-лига.
– Матеј Белистојаноски е единствен претставник од Македонија на ова квалитетно натпреварување и, секако, пред сѐ за него тоа претставува едно големо искуство. Тој е мошне квалитетен и амбициозен каратист, кој верува во себе и кој нема да застане тука, туку брзо ќе напредува. Затоа треба сите да се гордееме на она што досега го направил и ќе го направи во каратето. Ова е негова натпреварувачка година – вели неговиот тренер од КК Олимпик и селектор на сениорската репрезентација на Македонија, Александар Кузмановски. Г.И.