На турнирот по повод ослободувањето на Куманово ќе настапат Нуде од Загреб, Ѓаково (двете од Хрватска), Аква спорт од Скопје и Мастерс МКД од Скопје
ВАТЕРПОЛО – ДЕНЕСКА И УТРЕ
По повод ослободувањето на Куманово, на градскиот базен во овој град денеска и утре ќе се одржи меѓународен мастерс-турнир во ватерполо за ветерани (над 30 години), во организација на клубот Мастерс МКД од Скопје. На турнирот ќе настапат четири екипи, и тоа Нуде од Загреб (Хрватска), Ѓаково (Хрватска), Аква спорт од Скопје и Мастерс МКД од Скопје.
– Екипите ќе играат секоја со секоја и ќе се освојуваат бодови, ќе почне денеска од 18 часот и ќе се игра до 19.30 часот, а првиот натпревар е помеѓу Нуде и Ѓаково. Турнирот ќе заврши утре, а натпреварите ќе се играат од 14 до 17 часот. Покрај победничката екипа ќе биде прогласен и најдобар играч на турнирот. Ќе се играат две полувремиња со време од двапати по 10 минути, во 25-метарски базен. На турнирот, покрај мене и Небојша Стајковиќ, ќе судат и двајца германски интернационални судии – вели претседателот на клубот Мастерс МКД, Андреј Ѓорѓиевски. Г.И.