ТЕНИС
Енди Мареј им се заблагодари на организаторите на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон за „емотивната“ проштална церемонија откако неговиот последен настап почна со пораз во машки двојки, заедно со неговиот постар брат Џејми, пишува „Би-би-си“. Двократниот шампион во поединечна конкуренција на Вимблдон последен пат настапува на тој турнир пред да се пензионира во текот на годинава. По натпреварот, на големото платно на централниот терен беше пуштена видеомонтажа од кариерата на Мареј, а илјадници гледачи ја покажаа својата благодарност со продолжен аплауз.
Мареј им се заблагодари на своето семејство, членовите на неговиот тим низ годините и на гледачите за нивната континуирана поддршка.
– Тешко е затоа што сакам да продолжам да играм, но не можам. Физички сега е премногу тешко – изјави Мареј.
Колегите гранслем-шампиони Новак Ѓоковиќ, Мартина Навратилова, Џон Мекинро и Ига Швјонтек аплаудираа од страната на теренот, заедно со Тим Хенман, кого Мареј го замени како британски тенисер број еден во 2005 година, како и сегашните играчи Ден Еванс, Џек Дрејпер и Камерон Нори.
Мареј треба да се појави повторно на терените на Вимблдон откако се пријави во мешани двојки со Ема Радукану. Н.М.