Македонија сега е во трка за место меѓу петте најдобри второпласирани селекции во седумте квалификациски групи што обезбедуваат настап на ЕП 2026, заедно со седумте првопласирани од секоја група во овие квалификации. Црвено-жолтите играат за пласман на четвртото во низа Европско првенство
ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија не ја искористи првата шанса за пласман на четвртото во низа Европско првенство (ЕП) откако на гостувањето во Атина загуби од Грција со 0-3 (18-25, 15-25, 25-27), во претпоследното коло од квалификациите за ЕП 2026 во Финска, Италија, Романија и во Бугарија. Македонија беше најблиску до освојување на посакуваниот сет, и тоа третиот, но двапати не искористи сет-топка. На овој натпревар капитенот Никола Ѓоргиев со 13 поени беше најефикасен во македонските редови, Филип Савовски постигна седум, Филип Маџунков и Александар Љафтов реализираа по шест…
Машкиот национален тим има само една опција за да обезбеди настап на континенталното натпреварување во одбојка, а тоа е максимална победа на дуелот со Грузија, в недела, во Скопје (од 20 часот) и со што поголема поен-разлика. Македонија сега е во трка за место меѓу петте најдобри второпласирани селекции во седумте квалификациски групи што обезбедуваат настап на ЕП 2026, заедно со седумте првопласирани од секоја група во овие квалификации.
Поради тоа, потребно е во последниот меч со Грузија, Македонија да загуби што помалку поени во сетовите и да запише сигурна победа со максимални 3-0, а потоа да го чека и конечниот исход од натпреварите во другите групи. На македонските одбојкари ќе им биде потребна голема поддршка од трибините во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, в недела, од 20 часот. Влезот е бесплатен, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Г.И.
ГРУПА Ф
Грција – Македонија 3-0
Македонија – Грузија недела, 20 ч.
ТАБЕЛА
Грција 4 4 0 12-1 12
Македонија 3 1 2 4-6 3
Грузија 3 0 3 0-9 0
ПЛАСМАН НА ВТОРОПЛАСИРАНИТЕ СЕЛЕКЦИИ
1. Данска 3 2 1 8-3 7
2. Шведска 3 2 1 8-4 7
3. Летонија 3 2 1 7-4 6
4. Израел 3 2 1 7-6 5
5. Македонија 3 1 2 4-6 3
6. Австрија 3 1 2 4-6 3
7. Норвешка 3 1 2 4-6 3