По два дена Вардар 2014 беше 13-ти во Европа-купот, Пелистер 1982 беше 19-ти, а ГТЦ Мусандра 24-та во НБЦ-купот, додека Пелистер Пин (жени) беше 13-ти во Светскиот куп

КУГЛАЊЕ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

Кугларите на македонскиот првак Макпетрол со соборени 2.998 кегли беа први по вториот од трите натпреварувачки дена на 35. Светски куп (СК) во Залаегерсег (Унгарија), пред Јихлава од Чешка (2.971), Посушје од БиХ (2.941)… За првите шест на табелата од вкупно 15 настапија по пет куглари, а другите со по четири, па вчера, на последниот ден пред плејофот, скопјани имаа уште еден куглар, а осум тима по двајца.
На вториот ден за Макпетрол настапија Младен Донковски (собори 599 кегли), Сашо Трпковски (599) и Душко Ајдин (592). Најдобар поединечен резултат имаше Германецот Кристијан Вилке (680). Кај кугларките, меѓу 13 екипи, Пелистер Пин беше трет (2.089), по настап на четири кугларки, а 10 екипи настапија со по три во првите два дена. Водеше Полонија од Полска (2.289) пред Козара од Бих (2.133). За битолчанки во првите два дена куглаа Даниела Ѓуровска (516), Ивана Трајчевска (511), Стефанија Алексовска (526) и Андреа Велјаноска (536). Најдобар поединечен резултат имаше Маја Миелчарек (637) од КК Полонија.
На 35-от Европа куп (15 тима) во Апатин (Србија), меѓу 15 клуба, Вардар 2014 по вториот ден и настап на вкупно четири куглари беше 13-ти (2.215), а водеше Трстена Старек од Словачка (2.558). За вардарци куглаа Бранко Митиќ (577) и Драги Ѓорѓиовски (520). Најдобар поединечен резултат има Полјакот Миколај Конопка (673). На 22-от НБЦ-куп (25 тима) Пелистер 1982 е 19-ти (2.234), а ГТЦ Мусандра е 24-та (2.106). За Пелистер куглаа Цане Колев (521) и Влатко Трајчевски (531), а за ГТЦ Мусандра, Игор Коцев (502) и Тодор Манев (542). Водеше италијански Кутач (2.929) пред полски Сиераков (2.864), но и двата со по пет настапи, а сите други со по четири. Најдобар поединечен резултат има Унгарецот Карољ Козма (652).
Првите четири екипи од секој куп ќе се пласираат во полуфиналето, а утре се мечевите за медали. Во Лигата на шампионите од СК ќе се пласираат првите осум екипи, од Европа-купот првите пет, а од НБЦ-купот првите три клуба. Г.И.