КУГЛАЊЕ – 27. МЕМОРИЈАЛ „ГАВРИЛО ГАВРИЛСКИ“
Кугларскиот клуб Макпетрол го одбрани трофејот на традиционалниот меѓународен турнир „Гаврило Гаврилски“, кој 27. пат се одржа во кугларницата „Мусандра“ во Скопје. За 24-кратниот и актуелен шампион на Македонија, кој е и организатор на овој престижен турнир, ова беше трет триумф, а воедно и го одбрани трофејот освоен минатата година, кога, исто така во конкуренција на четири екипи, собори 3.410 кегли.
Макпетрол до првото место стигнаа со вкупно 3.296 соборени кегли, втора беше селекцијата составена од играчи што настапуваат во Македонската кугларска лига, со 3.282 соборени кегли, трет е Крагуевац (Србија) со 3.256, а четврта е Црвена звезда (Србија) со 3.212 соборени кегли. Во поединечна конкуренција најмногу кегли собори Пецо Димовски (587) од КК Вардар 2014, од Селекцијата на куглари што играат во Македонската лига, втор резултат оствари Александар Милинковиќ (581 кегли) од Крагуевац, а трет Јовица Штиковиќ (576) од Црвена звезда.
Макпетрол на меѓународната кугларска сцена најголемиот успех го оствари во 2012 година, кога го освои вицешампионското место во Купот на НБЦ, кој се одржа во германскиот град Аузгбург. Г.И.
































