Боите на Македонија на континенталното првенство во Врњачка Бања ќе ги бранат Алкалоид и Гамбит АСЕЕ на отворениот турнир и МШК Центар на турнирот за шахистки

ШАХ – УТРЕ ПОЧНУВА ЕВРОПСКИОТ КЛУПСКИ КУП

Алкалоид и Гамбит АСЕЕ на отворениот турнир и МШК Центар во женска конкуренција се македонските шаховски претставници на годинашниов Европски клупски куп (ЕКК), кој од утре до идната сабота ќе се одржи во Врњачка Бања (Србија). Ќе се играат седум кола, на шест табли на отворениот турнир и на четири табли на турнирот за шахистки, со стандардно време за размислување.
Пред почетокот на ЕКК романската екипа Суперчес (2.730) е прворангирана, Алкалоид (2.706) е второрангиран, Чешки Нови Бор (2.691) е треторангиран, а Гамбит АСЕЕ (2.344) е рангиран на 31-то место. Прворангиран шахист е велемајсторот (ВМ) од Индија, Арјун Еригаиси (2.797), кој ги брани боите на Алкалоид.
– Очекувам неизвесна борба до самиот крај. Неколку екипи се со слична јачина, па сметам дека ќе победи екипата чии играчи ќе бидат во најдобра форма и која ќе има спортска среќа. Секако, Алкалоид ќе се бори за првото место и се надевам дека ќе го повтори успехот од Нови Сад – вели македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Филип Панчевски.
За Гамбит АСЕЕ се пријавени и две шахистки, а на првата табла ќе игра македонскиот шахист со највисок рејтинг Евгени Романов (2.580, на 68-то место пред почетокот на ЕКК).
– Составот е многу добар, горе-долу млад и со двајца велемајстори. Ќе се бориме и очекувам да поминеме добро. Тука се Антон Златков и Андреј Велјановски, кои се мошне амбициозни и можат да освојат норми за интернационални мајстори, како и две шахистки. Најдобриот пласман на клубот е осмото место во 2018 година и тоа, секако, ќе биде предизвик за нашите млади членови – вели капитенот и играч на Гамбит АСЕЕ, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубиша Андоновски.
На ЕКК за шахистки прв фаворит е Монте Карло (2.489), пред унгарски Гаруда Ајка (2.459) и словенечки Тајфун (2.353), а МШК Центар (2.353) е рангиран шести и е еден од кандидатите за медал. Прворангирана шахистка е Русинката ВМ Александра Горјачкина (2.533), која ги брани боите на Монте Карло, а втора е ВМ од Грузија Нана Џагнидѕе (2.513), која игра за Тајфун.
– Клубот го ребрендира своето име и сега е Гамбит АСЕЕ. Имаме супер млад состав, кој ќе се бори за највисок пласман. Очекувам да го повториме успехот од Скопје во 2015 година, кога освоивме медал, тогаш сребрен – вели капитенот на тимот, ФМ Зоран Стојчевски.
На Отворениот турнир, 39-ти по ред (2.252 поени просечен рејтинг), ќе настапат 84 екипи со 597 шахисти од 52 држави (133 ВМ, 2 ЖВМ, 106 ИМ, три ЖИМ, 111 ФМ, девет ЖФМ). На 28-от ЕКК за жени (2.202 просечен рејтинг) ќе се натпреваруваат 18 екипи со вкупно 80 шахистки (седум ВМ, 12 ЖВМ, 19 ИМ, 14 ЖИМ, еден ФМ, 12 ЖФМ) од 29 држави.
Лани на ЕКК во Драч (Албанија) славеа норвешки Оферспил (со Магнус Карлсен на првата табла) на отворениот турнир и романски Суперчес во конкуренција на шахистки. Г.И.


СОСТАВИ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЕКК 2024

ШК Алкалоид
ВМ Арјун Еригаиси (2.797, Индија)
ВМ Ји Веи (2.763, Кина)
ВМ Јангји Ју (2.717, Кина)
ВМ Читамбарам Аравинд (2.698, Индија)
ВМ Сунилдут Нарајанан (2.640, Индија)
ВМ Александар Инџиќ (2.620, Србија)
ВМ Велимир Ивиќ (2.610, Србија)
ИМ Филип Панчевски (2.410)

ШК Гамбит АСЕЕ
ВМ Евгени Романов (2.580)
ВМ Петар Арнаудов (2.407, Бугарија)
ИМ Никола Николовски (2.388)
ФМ Андреј Велјаноски (2.308)
ФМ Антон Златков (2.323)
ФМ Љубиша Андоновски (2.256)
ЖФМ Ивана Манова (2.060)
Катерина Петровска (1.901)

МШК Центар
ИМ Ставроула Цолакидоу (2.439, Грција)
ИМ Маи Нарва (2.415, Естонија)
ЖВМ Белослава Крастева (2.274, Буг.)
ЖВМ Викторија Радева (2.282, Буг.)
ЖИМ Софиа Погорелскиј (2.176, Срб.)