Настапувајќи насекаде во периодот од 1993 до 2016 година, Аницинов како новинар тенисер достојно ја претставуваше нашата земја. Контакти со државници, а и со тениски легенди. Трофеј за ферплеј на Светското првенство во Ступава (Словачка) во 1998 година

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (303)

Владимир Аницинов (2)

Да беше роден во некоја друга земја, со Владимир Аницинов ќе се гордееја не само неговите колеги новинари туку и сите што имаат барем мала допирна точка со спортот. Зарем е мала работа двапати да бидеш светски тениски првак и да освоиш уште многу трофеи на големите собири меѓу новинарите. Не само што не е мала работа туку тоа е нешто на кое сите треба да бидеме горди. Но кај нас, за жал, на успесите на Аницинов гледаме како на нешто што дошло и поминало и – толку. А, всушност, со сето тоа што го прави ние треба да го гледаме како наш амбасадор во светот на новинарите тенисери. Неговите високи спортски резултати го прават личност со која сите сакаат да се запознаат. Често меѓу тие луѓе има државници, но и познати спортисти. Таков беше примерот со запознавањето и со тениските легенди Штефи Граф и Марат Сафин.
– Сите средби имаат свој белег. На пример, многу беше интересна средбата со Сафин. Следејќи еден мој меч, тој веројатно бил импресиониран од мојата игра, а особено од моите патики, кои беа искинати и воопшто не одговараа на реномето на еден новинарски тениски првак. По натпреварот дојде да ми честита и ми ги подари неговите патики. Бев изненаден и благодарен и му реков оти тие за мене се толку вредни, што нема да играм со нив, туку ќе ги чувам како сувенир. Сафин се насмеа и ме прегрна – вели Аницинов.

Дуели со новинарски асови

Спортскиот живот на Владимир Аницинов не беше нималку лесен. Покрај астмата, која почна сериозно да го измачува, финансиските проблеми исто така му создаваа голем проблем.
– Пред секое патување размислував како ќе се снајдам. Рампата за мене како постојано да беше спуштена, па ако се сеќаваш, во една пригода пред неколку години разговарав со тебе и со Лазар Лечиќ, со кого ти беше често во друштво, а јас како новинар имав многу интересни разговори и интервјуа со него. И од вас побарав помош за следното патување, ми се чини тоа беше поврзано со учество на некое светско првенство. Но, и вие се уверивте оти тешко оди тоа. Едноставно никој не ја сфаќаше сериозноста на она што го работам и тоа не допираше до бизнисмените и факторите. Тие или не беа упатени и не знаеја какви резултати постигнувам или се правеа оти не знаат за полесно да ме ескивираат. Но веќе бев навикнат да ме одбиваат и да останат само празните ветувања. Верувале или не, во текот на мојата кариера имав само две спонзорства, кои не вреди ни да ги споменувам. Затоа, пак, вреди да ги споменам победите над главниот уредник на „Дејли мејл“, кој беше и фудбалер на Челси, потоа над трофејниот пингпонгар Бела Корпа, репрезентативниот хокеар на Германија, Кнут, како и на ски-скокачот од Италија Џакомели. Бев победник и во дуелот со унгарскиот гимнастичар Иштван Текеш. Сите овие што ги споменав беа врвни во своите спортови, како што беа врвни и во новинарската работа во редакциите на „Си-ен-ен“, „Би-би-си“, „Пари мач“, „Кориере дела сера“, „Марка“, „Ел мундо“, „Правда“. Ги респектирав, а во играта бев максимално коректен, па како резултат на таквото мое однесување на СП 1988 во Ступава ми беше доделен трофеј за ферплеј – вели Аницинов.
Кога ќе се почувствуваше тотално немоќен и беспомошен, зашто и домашниот буџет веќе беше испразнет, Влатко тргнуваше во авантура со автостоп да стигне до местото на настанот. Ете, и тоа му се случуваше на нашиот тениски шампион. Но тој беше свесен оти кога си без пари, не ти останува ништо друго освен да се снаоѓаш и да ја трпиш маката.

Средби со личности од политичката сцена

Некој и пред мене имаше напишано за Влатко оти со тенискиот рекет тој е наш амбасадор. И навистина беше така. Во развиените земји, каде што се вреднуваат резултатите, се величеа неговите триумфи. Новинарите често пишуваа од која земја доаѓа и како успева толку долго да опстане во врвот на тенисот, во конкуренција на поранешни АТП-играчи и новинари што цел живот не само што коментираат и информираат туку и активно се занимаваат со тенисот. По големите победи, како оние на светските првенства во Бон и во Тучепи, доживеа многу почести и од врвни политичари, водечки личности во своите земји. Така, Влатко беше почестен и од друштвото со германскиот канцелар Гдерхард Шредер, потоа со Владимир Мечиар, претседател на Словачка, Милан Кучан, претседател на Словенија, Унгарецот Ѓула Хорн, Колинда Грабар Китаровиќ, која пред да стане претседателка на Хрватска, кога беше на функцијата министерка за надворешни работи, прва му го честита триумфот на Светското првенство во Тучепи. Аницинов имаше средба и со полскиот претседател Квашњевски, кој, за жал, непосредно потоа загина во авионска несреќа, а претходно, за да може Влатко да учествува на еден турнир во неговата земја, беше иницијатор организаторот да му ги плати патните трошоци. И овој пример најдобро покажува оти сите знаеја за маките низ кои поминуваше нашиот шампион за да може да учествува на натпреварите со своите колеги од целиот свет.
Ете, таков беше нашиот и светски шампион Владимир Аницинов. Сите, кога беше во центарот на вниманието по триумфите, сакаа да бидат во друштво со него, а потоа забораваа на „амбасадорот со тенискиот рекет“. На Влатко ова одамна му беше јасно, но тој не беше виновен што се родил овде, во срцето на Скопје, во 1943 година, и тоа во куќа спроти спомен-куќата на Мајка Тереза. Но, како што вели народот, треба да си роден и под среќна ѕвезда. Во случајот со човекот што минуваше донкихотски пат, сепак, имаше некоја од ѕвездите што се смилува и му го осветлуваше патот барем кон спортските успеси. Но, ништо од ова веројатно немаше да се случи ако под својот стан од една висококатница во Карпош, пред повеќе од педесет години, на еден празен простор, тој самиот не изградеше тениско игралиште, кое го користеа и жителите од околните згради. Ова е можеби единствен пример во Македонија некој со свои раце и морална подршка од пријатели и другари да изгради спортски објект за сите.

Тренер и спаринг-партнер

За да не зачува сѐ за себе, Аницинов акумулираното искуство сакаше да им го пренесе и на помладите. Така, паралелно со настапите на натпреварите низ светот, тој почна да се занимава и со тренерската работа. Овде не остана долго, но, сепак, доволно тројца македонски дејвискуп-играчи да го почувствуваат неговиот бехенд, форхенд или сервис. А, можеа и да научат нешто за техниката на ударите и за тактиката, која често може да биде пресудна за да се стигне до победата.
– Еден период, за мое големо задоволство, спарингував, а одиграв и неколку меча со еден од најуспешните македонски тенисери, Александар Китинов. Тој имаше стравотен сервис, на еден тренинг ја мерев брзината на топчето, која достигна 205 километри. Кога Китинов прифати да одиграме една партија, многумина во шега ми рекоа оти нема да освојам ниту еден поен. Но, јас не само поен туку, на изненадување на сите, го добив првиот сет со 6-3. Потоа, работите дојдоа на свое и Китинов ме победи. Инаку, имавме неколку меча што беа мошне тврди – вели Аницинов.
Владимир Аницинов, кој има и тренерска лиценца, во почетокот на кариерата им беше тренер на Лазар Магдинчев и на Предраг Русевски. Тие подоцна станаа квалитетни тенисери, па со нив репрезентацијата на Македонија во Дејвис-купот избори пласман во Првата евроафриканска зона. Аницинов им беше тренер уште на неколку млади тенисери, кои добро напредуваа и опстанаа на тениската сцена.
Јас, еве, како новинар и колега на Влатко, сметам дека овие две мои продолженија се малку, зашто за него може и книга да се напише. И сметам оти таа книга ќе биде полна, а не празна како некои што сосила пишуваат за себе или за некого, зашто во книгата за Влатко ќе има многу впечатливи и вистинити работи. Тој остава зад себе едно спектакуларно дело, кое, за жал, овде во нашава средина не се вреднува многу. Неговиот животен опус можеби еден ден ќе ја добие вистинската димензија, но дали тој и неговите современици и пријатели ќе го доживеат тој момент?
И за крај, само како потврда за спортскиот дух што постојано провејува кај Владимир Аницинов, да го споменам и следново: Влатко, покрај тенисот, се занимаваше и со други спортови. Тој беше и планинар, кој своевремено секој ден се искачуваше на врвот на Водно. Инаку, од повисоките балкански врвови ја има почувствувано убавината од искачувањето на Атос (Света Гора), Олимп и Вихрен на Пирин. За да покаже колку и во овој спорт е силен стана првак на Македонија во маунтин-маратон.
По сето ова што го напишав, а има уште многу за пишување, нека каже некој оти Владимир Аницинов не е вистинска спортска легенда.