Фото: ОФМ

Во Скопје, пак, машката репрезентација на Македонија загуби од Грција со 1-3 во сетови (25-15, 18-25, 23-25, 20-25), има три бода по два натпревара, но шанси за пласман на ЕП и натаму постојат

ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија утре во Солун (19.30 ч.), во рамките на второто коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2026 година во Азербејџан, Чешка, Шведска и Турција, ќе ги одмери силите со фаворизираната селекција на Грција, која, пак, во првото коло на гости ја совлада Австрија со 3-0 во сетови (25-18 25-20 25-20). Како што е познато, Македонките предводени од селекторот Стефан Пауновиќ на стартот загубија од Австријките во Скопје со 0-3 (14-25, 17-25, 20-25), така што сега ги очекува нов тежок предизвик во групата Ф.
– Го финализиравме подготвителниот период пред натпреварот со Грција. Се обидовме да работиме на недостатоците што ги воочивме против Австријките. Грција е репрезентација што е исклучително добра и која во подготвителниот период загуби само еден натпревар, но од друга страна, пак, за нас тоа ќе претставува мотив повеќе да одиграме уште подобро од натпреварот со Австрија и чекор по чекор да дојдеме на тоа наше повисоко ниво – вели селекторот Стефан Пауновиќ.
Македонките првпат по деценија и половина настапуваат во европски квалификации и тоа е убава можност да се утврди нивниот сегашен квалитет. На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на ова ЕП, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на ЕП 2023. Квалификациите по овој меч продолжуваат во август 2015 година
– Натпреварот со Австрија е веќе зад нас. Иако сметам дека покажавме добра игра и борбеност, како и подобрување во некои сегменти во играта, сепак можеме многу повеќе и затоа почнавме да работиме на елементи за кои сметаме дека има простор за претстојниот меч. Се подготвуваме за натпреварот што нѐ очекува и се надевам на подобар резултат, а можеби и пласман Европското првенство – вели техничарката во македонските редови Јана Балов.
Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, пак, не успеа да ја искористи првата меч-топка и да се најде меѓу 24-те селекции што отсега можеа да обезбедат пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година во Финска, Италија, Романија и Бугарија. Во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“, избраниците на селекторот Хари Наковски загубија од Грција со 1-3 во сетови (25-15, 18-25, 23-25, 20-25)и останаа со три бода по двата одиграни натпревара, односно со победата над Грузија на гости со 3-0. Во ова коло од групата Ф слободна беше Грузија.

Фото: ОФМ

– По маестрално одиграниот прв сет, дојде до пад на нашата иницијатива во следните три сета. Сепак, Грција е многу квалитетна селекција, која дојде до израз на овој меч, со нивниот добар сервис, додека ние имавме проблем со приемот. Данокот на некомплетноста си го стори своето, имавме повеќе повредени и болни играчи. Нашата шанса за пласман на ЕП и понатаму останува – вели македонскиот селектор Наковски.
Но за црвено-жолтите ништо не е загубено. Без разлика што не освоија бод, со евентуална втора победа од 3-0 над Грузија во Скопје, што, пак, е објективна реалност, односно вкупно две победи и со освоениот сет против Грција, може да биде доволно за пласман на ЕП 2026, односно да се најдат меѓу петте најдобри од седумте второпласирани репрезентации во овие евроквалификациски групи. Сепак, конечниот епилог ќе биде познат по одигрувањето на следните два последни меча, кои на распоредот се во август следната година.
Македонските одбојкари понесени од својата френетична публика во преполнетиот СЦ „Борис Трајковски“ одлично го започнаа натпреварот, убедливо добивајќи го првиот сет, но потоа следуваше пад во играта. А за тоа беше виновен добриот блок и смеч на противникот, што на крајот и се покажа како пресудно.
Најефикасен во редовите на Македонија беше капитенот Никола Ѓоргиев со 25 поени, Александар Љафтов впиша 12, Филип Савовски 11, Филип Маџунков четири, Владо Милев два, Ѓорѓи Ѓорѓиев два, додека кај противникот доминираше коректорот Димитрос Муслиас со 24 поени.
На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на ова ЕП, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на ЕП 2023 година. Г.И.


Резултати 2. коло, мажи

Македонија – Грција 1-3
Грузија беше слободна
ТАБЕЛА, ГРУПА Ф
Грција 1 1 0 3-0 (90-86) 3
Македонија 2 1 1 4-3 (161-134) 3
Грузија 1 0 1 0-3 (44-75) 0

Резултати 2. коло, жени
Австрија – Грција 0-3
Македонија беше слободна
ТАБЕЛА – ЖЕНИ
Грција 1 1 0 3-0 (75-61) 3
Австрија 2 1 1 3-3 (136-126) 3
Македонија 1 0 1 0-3 (51-75) 0