Следува 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, од 5 до 7 август во Скопје, на кој ќе играат Македонија, Бугарија и Швајцарија. Потоа се средбите со Грција на 13 август и со Грузија четири дена подоцна, во кои црвено-жолтите играат за пласман на четврто ЕП во низа
ОДБОЈКА
Одбојкарската репрезентација на Македонија забележа по една победа и пораз на пријателските натпревари со Бугарија, во Софија, во пресрет на завршницата на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година. Тоа беа први тест-средби за избраниците на селекторот Јошко Миленкоски во овој подготвителен период, пред средбите со Грција на 13 август и со Грузија четири дена подоцна, во групата Ф од циклусот за ЕП 2026. Црвено-жолтите играат за пласман на четврто ЕП во низа, по шампионатите во 2019 година (17. место), 2021 (23. место) и во 2023 година (16. место).
Македонија победи со 3-0 (26-24, 25-23, 25-16) во првиот меч со Бугарија, а во договор помеѓу селекторите беше одигран и дополнителен четврти сет, кој исто така ѝ припадна на Македонија, со 25-22, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени беше лидер на тимот. Филип Савовски оствари 11 поени, Александар Љафтов 10, а Владо Милев, Филип Маџунков и Стојан Илиев имаа по седум поени. Во вториот дуел Македонија загуби со 0-3 (19-25, 23-25, 21-25), а одново во договор помеѓу селекторите беше одигран и дополнителен четврти сет, кој македонските одбојкари го загубија со 25-27, информира ОФМ. Ѓоргиев со 14 поени беше најефикасен, Илиев и Лука Костиќ имаа по 10, а Љафтов и Савовски по шест поени. Селекторот Миленкоски на двата меча им даде шанса на сите одбојкари кои ги имаше на располагање, пишува ОФМ.
Репрезентацијата ги продолжува подготовките во Скопје. Според најавите од ОФМ, следува 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, од 5 до 7 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, на кој репрезентацијата на Македонија ќе се сретне селекциите на Бугарија и на Швајцарија.
На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. На континенталното првенство директен пласман обезбедија Бугарија, Финска, Италија и Романија, како домаќини на шампионатот, и Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија, според пласманот на ЕП 2023. Н.М.
ГРУПА Ф
Грузија – Грција 9 август
Грција – Македонија 13 август
Македонија – Грузија 17 август
ТАБЕЛА
Грција 2 2 0 6-1 6
Македонија 2 1 1 4-3 3
Грузија 2 0 2 0-6 0