На дебито на Медитеранските игри, во 2013 година во Мерсин, Македонија освои пет медали, а на вторите, во 2018 година, во Тарагона, еден повеќе (вкупно по два златни и сребрени и седум бронзени медали). Предвидено е Македонија на Игрите во Оран да има 109 натпреварувачи во 12 спорта

За македонската спортска експедиција, 19-те Медитерански игри (МИ) во алжирскиот град Оран (25 јуни – 5 јули), на кои ќе настапат 3.434 спортисти во 24 спорта од 26 држави, ќе бидат трети во нејзината историја.
Досега Македонија настапи на Игрите во турскиот град Мерсин во 2013 година и во 2018 година во шпанскиот град Тарагона. Од двата настапа на МИ, црвено-жолтата експедиција се врати со вкупно 11 медали. Предвидено е Македонија да има 109 натпреварувачи во 12 спорта.
На Медитерански игри во Мерсин во 2013 година настапија 3.064 спортисти од 24 држави, кои се натпреваруваа во 27 спорта, а најуспешна беше Италија. Македонија, која имаше 159 учесници (вклучувајќи ги и официјалните лица, тренери, судии), освои пет медали, од кои едно сребро и четири бронзи, а доминираа борачите.
Во вкупниот редослед, Македонија беше пласирана на 19-то место. Сребрен медал освои борачот Дејан Богданов, а бронзени освоија борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута.
На Медитерански игри во Тарагона, Македонија освои шест медали и вкупно беше пласирана на 17-то место од 26 држави-учеснички. На МИ во Тарагона настапија 4.541 спортист во 28 спорта. Македонија, која учествуваше со 72 спортисти, освои две злата, едно сребро и три бронзи и беше пласирана на крајот како 19-та од 24 држави.
Со злато се закитија каратистот Берат Јакупи и борачот Магомедгаџи Нуров, со сребро таеквондистот Дејан Георгиевски, а со бронзи каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски, како и борачот Дејан Митров. Ракометарките во малото финале беа поразени од Хрватска.
На листата на освојувачи на медали убедливо прва беше Италија со 155 медали, од кои по 55 златни и сребрени и 45 бронзени.


МЕДАЛИ НА МАКЕДОНИЈА НА МИ

златни 2 (во карате и во борење)
сребрени 2 (во борење и во таеквондо)
бронзени 7 (во борење, карате и во бокс)