Борче Костовски едногласно доби нов четиригодишен претседателски мандат, „Алкалоид“ АД Скопје е новиот генерален спонзор на федерацијата, а неколку истакнати спортисти беа парично наградени за остварените резултати

СОБРАНИЕ НА ТАЕКВОНДО-ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Борче Костовски едногласно доби нов мандат да ја води Македонската таеквондо-федерација (МТФ) и во следните четири години, „Алкалоид“ АД Скопје е новиот генерален спонзор на МТФ, а македонското таеквондо првпат во својата историја ќе биде домаќин на Г1-турнир во 2023 година, на кој ќе настапи светската елита во овој олимписки спорт. Тоа е главниот епилог од Годишното собрание на Македонската таеквондо-федерација во Скопје, а на кое сите одлуки беа донесени едногласно, информира МТФ.
По предлог на Извршниот одбор, Собранието на МТФ донесе одлука за прием на четири нови клуба како полноправни членки на Македонската таеквондо-федерација (Поомсае, Те Макс, Младост, Феникс кик), со што МТФ покажа грижа за омасовување на таеквондото во Македонија, одлука за финансиска помош на сите клубови-членки на МТФ, во најголема мера наменски доделени средства за развивање млади спортски надежи.
Потоа беше донесена одлука за еднократна парична награда поради постигнати врвни спортски во оваа година на „бронзениот“ олимпиец од Токио, Дејан Георгиевски (90.000 денари), за бронзата на финалниот гранпри-турнир во Саудиска Арабија, на Филип Додевски (60.000 денари) за петтото место на сениорското Светско првенство во Мексико и на Милијана Релиќ (40.000 денари) за златото на сениорското клупско Европско првенство во Естонија. Македонската таеквондо-федерација за следната година, исто така, најави и дека ќе организира најголем број домашни турнири од досегашното постоење на МТФ. Г.И.