Владимир Егоров

Натпреварувањето започнува со борбите во слободен стил, каде што се пријавени 326 борачи, но не се исклучува можноста да има и дополнителни промени

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СП ВО БОРЕЊЕ

Македонските борачи ќе бидат пред голем предизвик, но и нова шанса за докажување. Од денеска до 21 септември во главниот град на Хрватска, Загреб, ќе се одржи Светското првенство (СП) во борење, на кое се пријавени околу 900 натпреварувачи, меѓу кои и шест македонски борачи, кои ќе настапат во слободен стил, а репрезентацијата ќе ја водат Могамед Ибрагимов и Абаз Емини.
Натпреварувањето започнува токму со борбите во слободен стил, каде што се пријавени 326 борачи, но не се исклучува можноста да има и дополнителни промени. Жените, вкупно 230, своите настапи ќе ги почнат в понеделник, а мажите во грчко-римски, вкупно 306, в четврток.
– На претстојното СП, од македонските борачи може да изненади Владимир Егоров. Познавајќи го добро, нема да биде изненадување ако се бори за некој од медалите. Има промена на генерациите речиси во сите репрезентации, кои ќе излезат со подмладени состави и тука може да се гледа шансата за висок пласман на нашите искусни борачи, како што се Нуров, Ајдари и Егоров. Штета што нема да настапи Ахмед Могамедов – вели поранешниот селектор на Македонија, Бобан Данов.
Како што е познато, Владимир Егоров стана европски првак во 2022 година во Будимпешта, (Унгарија), додека Магомедгаџи Нуров освои бронзен медал на СП во Нур-Султан (Казахстан) во 2019 година, а настапи и на Олимписките игри (ОИ) во Токио 2021 година.
На СП во Загреб ќе настапат повеќе олимписки и светски медалисти, од кои 12 се во слободен стил од последните Олимписки игри (ОИ) во Париз 2024, а двајца се и носители на златен медал, што претставува нова можност љубителите на борењето да гледаат квалитетни борби. Г.И.


Македонија, состав

Владимир Егоров до 57 кг
Бесир Алили до 61 кг
Расул Шапиев до 74 кг
Дејан Митров до 79 кг
Реџеп Хајдари до 92 кг
Магомедгаџи Нуров до 97 кг