РАКОМЕТ
- Црвено-жолтите в сабота на гости ќе играат со Австрија, со која имаат израмнет меѓусебен резултат, а неделава ќе биде познат противникот во квалификациите за СП 2027 (победникот на бараж-средбата Украина – Словачка)
Македонската машка ракометна репрезентација по настапот на годинашново Европско првенство (ЕП), вчера повторно имаше собир, во Скопје, во пресрет на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), кога в сабота (18 часот) во австрискиот град Брегенц ќе одигра пријателски натпревар со Австрија. Сето ова е во рамките на подготовките на репрезентацијата за претстојниот бараж-двомеч за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Германија. Ривал на Македонија ќе ѝ биде подобриот од дуелот меѓу Украина и Словачка (првиот меч е денеска, а реваншот е в недела).
Црвено-жолтите ќе го играат првиот бараж-меч на гости на 13 или на 14 мај, а реваншот е на 17 мај во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Селекторот Кирил Лазаров за овие мини-подготовки и за дуелот со Австрија претходно го соопшти составот со 19 ракометари, но сега додаде уште еден, пикерот на Вардар, Кристијан Анастасовски, кој ќе дебитира во сениорскиот репрезентативен состав. Македонија ќе биде ослабена во Брегенц, оти во составот нема да бидат искусните играчи, голманот Никола Митревски, пикерот Жарко Пешевски, бековите Никола Маркоски и Мартин Серафимов.
Македонија е фаворит во однос на Украина и Словачка. Ако се пласира на СП 2027, тоа за Македонија ќе биде осми настап во низа, а вкупно 10-ти. Црвено-жолтите досега биле дел од СП во Египет во 1999 година (18. место), Хрватска во 2009 година (11), Шпанија во 2013-та (14), Катар во 2015-та (9), Франција во 2017-та (15), Данска и Германија во 2019-та (15), Египет во 2021 г. (23), Полска и Шведска во 2023 година (27) и во Хрватска, Данска и во Норвешка лани (15). Австрија и Македонија имаат еднаков меѓусебен резултат од по две победи и порази. Во квалификациите за СП 2013, во Скопје, Македонија славеше со 26-21, а на гости загуби со 27-30. На ЕП 2014 во Данска, Македонија ја победи Австрија со 22-21, а на ЕП 2020 во Виена загуби со 28-32. Австрија досега седум пати играла на ЕП, а осум пати на СП. Г.И.
































