Покрај Македонија, по турнирот во Скопје настап во Втората светска група за идната година обезбедија и Летонија и Црна Гора
ТЕНИС – ТРЕТА ЕВРОПСКА ЗОНА НА ДЕЈВИС-КУПОТ
Тениската репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Горан Шевченко, избори пласман во Втората светска група на Дејвис-купот, откако го освои третото место во Третата европска група, турнир што се одржа на терените на ТК Југ во Скопје. Во последниот натпревар на турнирот, Македонија загуби со 1-2 од Летонија, која, пак, го освои првото место пред Црна Гора.
Во другите дуели од петтото коло, Црна Гора ја совлада Молдавија со 3-0, а Малта славеше на мечот со Ерменија, исто така, со 3-0. На трите првопласирани репрезентации, Летонија, Црна Гора и Македонија, им беа доделени медали. Тие обезбедија промоција во Втората светска група на Дејвис-купот, Молдавија и следната година ќе игра во Третата европска група, а Малта и Ерменија испаднаа и во 2026 година ќе бидат дел од Четвртата европска група.
Во Втората светска група за годинава, во септември, на програмата се 13 плејоф-натпревари, по кои победниците ќе се пласираат во Првата светска група за идната година. И во Првата светска група на ред се бараж-дуели, од кои победниците ќе се пласираат еден ранг погоре, во квалификациите за Дејвис-купот, во кои, пак, во септември 14 репрезентации (Холандија – Аргентина, Австралија – Белгија, Унгарија – Австрија, Германија – Јапонија, САД – Чешка, Данска – Шпанија и Хрватска – Франција) играат за место на завршниот турнир за годинава во Болоња (Италија), на кој директен пласман обезбеди актуелниот победник, репрезентацијата на Италија.
Третата европска група, пласман за 2025 година: Летонија 5-0 (победи/порази), Црна Гора 4-1, Македонија 3-2, Молдавија 2-3, Малта 1-4, Ерменија 0-5. Г.И.