По третото коло, Македонија е на 15-то место, со два екипни бода (шест поени по табли), а води првиот фаворит Полска, со шест бода (10,5 поени по табли)

17. ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Македонската шаховска репрезентација (1.882 рејтинг-поени, рангирана 18-та пред почетокот) во третото коло ја забележа првата победа на 17. Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи, која до 25 јуни се игра во Врњачка Бања (Србија). Македонските шахисти, предводени од селекторот Зоран Стојчевски, ја совладаа со 3-1 Франција (1.920, рангирана 13-та). Миле Чапанов (1.957) на првата табла со црни фигури ремизира со Јан Тивини (2.007), а истото тоа го стори на втората и Зоран Костадиновски (1.846), како „бел“, со Метју Дифо (1.993). Победата беше обезбедена на третата и четвртата табла, кога Жарко Селковски (1.903) го совлада Оливие Девиле (1.863), односно Филип Арсов (1.817) беше поуспешен од Ерик Мејер (1.817). Во првите две кола Македонија доживеа пораз со идентични 1,5-25 поени, од Бугарија (2.030, рангирана седма) и од Литванија (1.809, рангирана на 21-то место.).
Поединечно, од петтемина македонски шахисти, засега најуспешен е Селковски, кој забележа три победи, додека Костадиновски ремизира трипати. По ова коло, Македонија е на 15-то место, со два екипни бода (шест поени по табли), додека води првиот фаворит Полска (2.235), со шест бода (10,5 поени по табли), пред второрангираната Украина (2.158), исто така со шест бода (девет поени по табли). Прворангиран играч е ВМ од Полска, Марчин Тазбир (2.504).
ШО за слепи и слабовидни лица е најголемиот спортски настан во меѓународни рамки на шахот за лица со оштетен вид. На ШО во Врњачка Бања играат 113 шахисти од 21 држава (Србија со две селекции), од кои еден ВМ, шест ИМ, еден ЖИМ, седум ФМ. Победникот ќе биде познат по деветтото коло, со темпо на игра од 120 минути, плус 30 секунди за секој потег по играч. Секоја репрезентација се состои од четири играчи плус две резерви. Играчите не можат да ремизираат пред 20-от потег, освен во случај на трикратно повторување на потезите. Трите првопласирани селекции ќе добијат златни, сребрени и бронзени медали, додека индивидуални медали ќе им бидат доделени на тројцата најдобри играчи на секоја табла, вклучувајќи ја и резервната.
Досега Русија била олимписки првак седум пати, поранешниот Советски Сојуз шест, поранешна Југославија двапати и Полска еднаш. Титулата од 2021 година ја брани Русија. Македонија на последната ШО, како рангирана 12-та, го освои 11-то место со девет бода (по четири победи и порази и едно реми), односно 16,5 поени по табли, додека златото го освои Русија со максимални 18 бода. Втора беше Полска, а трета Србија. Боите на Македонија во 2021 година ги бранеа Селковски со пет поени од девет партии, Костадиновски 5,5/9, Блаже Атанасовски 3/9 и Трајче Димов 3/9, додека селектор беше ВМ Трајко Недев. Г.И.


МАКЕДОНИЈА, СОСТАВ

Миле Чапанов (1.957, рангиран 52. тука)
Зоран Костадиновски (1.869, рангиран 77.)
Жарко Селковски (1.886, рангиран 64.)
Стефан Мелник (1.861, рангиран 85.)
Филип Арсов (1,787, рангиран 86.)