Фото: „Нова Македонија“

Ги повикувам сите љубители на спортот и одбојката да дојдат во недела во нашата сала, да нѐ бодрат и заедно да извојуваме победа, вели репрезентативецот Александар Љафтов

ОДБОЈКА – ПРЕД УТРЕШНИОТ ДУЕЛ ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026

Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, утре, во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“ (20.15 часот, влез слободен), ја пречекува Грција во рамките на вториот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство (ЕП) 2026 година. По убедливиот триумф над Грузија во првото коло на гости со максимални 3-0 во сетови (25-12, 25-14, 25-18), новата посакувана победа секако ќе ги донесе црвено-жолтите на чекор до посакуваниот пласман на ЕП, кое за две години ќе се одржи во Финска, Италија, Романија и во Бугарија, во конкуренција на 24 селекции. На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на ова ЕП, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на ЕП 2023 година.
Македонските одбојкари заедно со селекторот Хари Наковски ги прават последните корекции во својата игра пред она што ги очекува утре на теренот против јужниот сосед.
– Грузија е веќе зад нас. Очекувана победа, одигравме добро, сериозно и покрај напорните патувачки конекции дотаму. Многу ни е значен тој резултат, зашто на табелата прво се смета победа, па освоени сетови, поени…, па токму затоа и резултатот од Тбилиси е добар. В недела нѐ очекува најзначајниот натпревар против Грција. Ако ја совладаме веќе сме со една нога на ЕП 2026. Ги повикувам сите љубители на спортот и одбојката да дојдат во недела во нашата сала да нѐ бодрат и заедно да извојуваме голема победа. Но и да не победиме, немa да биде крај, оти имаме уште два меча да одиграме следното лето – вели искусниот репрезентативец Александар Љафтов.
Македонските одбојкари имаат голема можност да го продолжат учеството на евросцената, ако се знае дека беа осминафиналисти на последното ЕП организирано и од Македонија (победени Данска и Црна Гора), потоа пласманот на ЕП 2021 во Финска (совладана силната Турција), а на дебито во Љубљана 2019 беа надиграни Словенија и Белорусија. Против Грција, Македонија нема позитивен биланс, а со Грузија е остварена победа во претквалификациите во Струмица пред десет години. Грција досега настапила на 17 ЕП, а има една бронза од Белгија 1987 година (12 селекции), додека на последното ЕП беше 20-та (24 селекции). Грузија досега не учествувала на ЕП.
– Се вративме од Грузија со позитивен резултат, оној што го посакувавме и кој би ни бил ветар во грб пред дуелот што следува против Грција. Противникот го анализиравме и ги усогласивме нашите тренинзи според начинот на нивната игра. Грција е на ниво, како што се натпреварите за Европската златна лига, па сметам дека домашната публика и атмосферата во салата ќе бидат пресудни. Овој дуел претставува едно финале за нас и ќе го добиеме – вели Кристиан Ристески, асистентот во стручниот штаб на македонската репрезентација.
Пред утрешниот дуел со Грција, Македонија има три бода во групата Ф, без изгубен сет, како и малку изгубени поединечни поени (44), додека Грција беше слободна во првото коло. Многу работи би можеле да бидат познати утре, но и не мора. В четврток, на 29 август, Грција ја пречекува Грузија, а Македонија е слободна. По овие средби, квалификациите за ЕП 2026 продолжуваат во август следната година. Г.И.


Двојки 2. коло, мажи

Македонија – Грција утре (20.15 ч.)
Грузија е слободна

ТАБЕЛА, ГРУПА Ф
Македонија 1 1 0 3-0 (75-44) 3
Грузија 1 0 1 0-3 (44-75) 0
Грција 0 0 0 0-0 (0-0) 0