Фото: ОФМ

ОДБОЈКА

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија имаше победничка завршница во Европската златна лига за годинава, откако ја совлада Црна Гора со 3-0 (25-20, 25-21, 25-13) во Струмица, во последниот меч на третиот турнир. Црвено-жолтите во Европската златна лига годинава го освоија деветтото место, со две победи и четири порази, и обезбедија настап и во следното издание, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски го одиграа можеби најдобриот меч во Европската златна лига годинава, а особено сигурно и дисциплинирано во моментите кога се кршеше резултатот, пишува ОФМ. Капитенот Никола Ѓоргиев и Александар Љафтов ја имаа улогата на лидери, Владо Милев со своето искуство даваше стабилност во играта, а преостанатите одбојкари играа на високо ниво и успешно му се спротивставија на противникот. Ѓоргиев со 16 поени беше најефикасен, Александар Љафтов реализира 12, а Филип Савовски девет поени. Г.И.