Фото: „Нова Македонија“

Во италијанскиот град Монтесилвано во тек е Светското првенство (СП) за кадети (машки и женски) во возрасните категории до осум, 10 и до 12 години, на кое играат вкупно 697 учесници (427 шахисти и 270 шахистки) од околу 65 држави. Македонските бои во оваа силна конкуренција ги бранат Никола Петровски, Јован Вукашиновиќ, Јован Јовановски и Надица Велкова.
По две кола (вчера се играше третото) од предвидените 11, Петровски (1.829 рејтинг-поени, рангиран 79. пред СП), во возрасната категорија до 12 години (играат 147 шахисти од 64 држави) го победи Ирецот Хенри Вилијамс, а загуби од Винука Вијератна од Шри Ланка (2.004, рангиран 41.). Во категоријата до 10 години (159 шахисти од 63 држави), Вукашиновиќ (1.454, рангиран 144.) загуби од Сријанш Ката од САД (1.766, рангиран 65.) и од Леонардо Дела Пена од Италија (1.675, рангиран 97.). Во категоријата до осум години (121 шахист од 59 земји), Јовановски (рангиран 107.) загуби од Унгарецот Сергеј Кардаш (1.627, рангиран 46.) и од неговиот сонародник Иштван Киш (1.501, рангиран 72.). Во категоријата до осум години (99 шахистки од 56 држави), Велкова (рангирана 99.) во првото коло беше слободна и впиша еден поен, а во второто загуби од Германката Исабела Артеменко (1.637, рангирана 31.). Г.И.