Вкупно 12 репрезентации се во една група, предвидено е секоја селекција да одигра вкупно шест меча, од кои два дома, по што ќе се формира збирна табела, а четирите најдобри ќе настапат на фајналфор-турнирот. Во новиот циклус Македонија ќе игра со Чешка, Естонија, Белгија, Азербејџан, Хрватска и со Шпанија
ОДБОЈКА
Македонската машка одбојкарска репрезентација во 2024 година повторно ќе настапи во Европската златна лига, која во новото јубилејно 20-то издание ќе се игра со поинаков натпреварувачки формат, во една група, со учество на 12 репрезентации. Во минатите шест изданија на Европската златна лига 12-те селекции беа делени во три групи.
В година е предвидено секоја репрезентација да одигра вкупно шест натпревари, од кои два на свој терен, по што ќе се формира збирна табела, а четирите најдобри селекции ќе настапат на фајналфор-турнирот во Хрватска. Ако репрезентацијата на Хрватска не биде меѓу четирите најдобри во лигата, тогаш на турнирот за медалите ќе настапат првопласираните три селекции и домаќинот на фајналфор-турнирот.
Македонија ќе биде домаќин на првиот турнир, од 17 до 19 мај, кога ќе гостуваат поранешните освојувачи на Европската лига, селекциите на Чешка и на Естонија, од 24 до 26 мај црвено-жолтите ќе гостуваат во Белгија на дуели со таа репрезентација и со Азербејџан, а од 31 мај до 2 јуни се средбите во Хрватска со домаќинот и со Шпанија, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Македонската селекција играше со Чешка на Европското првенство годинава во Скопје, а со Белгија и со Хрватска годинава беше во иста група во Златната лига.
Вкупно 38 репрезентации од 24 национални федерации се пријавени за учество во изданието на Европските лиги во 2024 година, во златната и во сребрената дивизија, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница.
Новиот формат им дава можност на сите репрезентации учеснички да бидат домаќини на турнир и да одиграат два натпревара во ист викенд пред своите гледачи против два различни квалитетни противника, а оваа нова формула значително ги намалува патните трошоци, во исто време е и фер, дозволувајќи им на сите учесници да ги промовираат своите репрезентации на домашна почва, пишува Европската одбојкарска конфедерација.
Репрезентациите ќе играат за дел од паричниот награден фонд од 225.000 евра за четирите најдобри селекции во Златната лига и 65.000 евра за првите две репрезентации во Сребрената лига. Европската одбојкарска конфедерација, исто така, воведе дополнителни финансиски бонуси, а, како и обично, победниците на Европската сребрена лига ќе играат во Златната лига во 2025 година, пишува ЦЕВ.
Годинава Турција го освои трофејот во Европската златна лига за мажи, Украина ја освои титулата во Европската златна лига за жени, а во Европската сребрена лига триумфираа Летонија во машка и Естонија во женска конкуренција. Репрезентациите на Исланд ќе дебитираат во Европската лига во 2024 година, во Сребрената лига. Н.М.
РАСПОРЕД
Турнир 1 (во Македонија)
Македонија – Естонија 17 мај
Чешка – Естонија 18 мај
Македонија – Чешка 19 мај
Турнир 2 (во Белгија)
Азербејџан – Белгија 24 мај
Македонија – Азербејџан 25 мај
Македонија – Белгија 26 мај
Турнир 3 (во Хрватска)
Македонија – Хрватска 31 мај
Македонија – Шпанија 1 јуни
Хрватска – Шпанија 2 јуни
Извор: ОФМ