Фото: ЕПА

ШАХ – НА ПРЕТСТОЈНИОТ ЕКК ВО ГРЦИЈА

  • На отворениот турнир ќе учествува Алкалоид, а на женскиот МШК Центар АСЕЕ и Гостивар

Три македонски клуба ќе настапат на претстојниот Европски клупски куп (ЕКК) на Родос (Грција, 18-26 октомври). На 40. опен-турнир ќе игра македонскиот многукратен шампион Алкалоид (просечен рејтинг 2.701 поен, рангиран втор пред почетокот според најдобрите шест рејтинзи на своите играчи) меѓу 102 клуба, а на 29. женски ЕКК ќе настапат МШК Центар АСЕЕ (2.129, рангиран 10-ти) и Гостивар (1.999, рангиран 14-ти) меѓу 20 клуба.
Кај мажите (се игра на шест табли со две резерви), според октомврискиот рејтинг, прворангирана екипа е Бајеганпендик (2.711) од Турција. Играч со највисок рејтинг е Индиецот Арјун Еригаиси (2.773) од Алкалоид, а светскиот првак, Индиецот Домараџу Гукеш (2.752, рангиран петти), ќе настапи за Суперчес. На женскиот турнир (се игра на четири табли со една резерва), прв фаворит е Монте Карло (2.490). Највисокорангирана шахистка е Жу Џинер (2.569) од Кина, која ќе настапи за актуелниот првак Тајфун.
На опен-турнирот се пријавени 791 учесник (116 ВМ, 10 ЖВМ, 137 ИМ, 15 ЖИМ, 144 ФМ, 19 ЖФМ) од 59 држави, а на женскиот турнир 93 учеснички (11 ВМ, осум ЖВМ, 20 ИМ, 13 ЖИМ, еден ФМ, 10 ЖФМ) од 30 држави.
Алкалоид во 2016 година на ЕКК во Нови Сад (Србија) првпат стана европски шампион, а една година претходно во Скопје женскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ го освои сребрениот медал. Г.И.