Од денеска, со трката во велеслалом за скијачки, почнуваат техничките дисциплини на Мундијалот во Залбах, каде што Македонија ќе ја претставуваат Атанасовска, Лазарески, Петков, Илев и Добрески
Јана Атанасовска, Мирко Лазарески, Виктор Петков, Данило Илев и Јаков Добрески се македонските скијачи што ќе настапат на Светското првенство во алпско скијање што се одржува во Залбах (Австрија). Од денеска, со трката во велеслалом за скијачки (од 9.45 часот) и со квалификациите за велеслаломот за скијачи (од 10 часот), почнуваат техничките дисциплини на годинашниот Мундијал, откако претходно беа возени паралелниот велеслалом, спустот, супервелеслаломот и мешаната тимска комбинација.
– Овие натпревари претставуваат огромна можност за нашите скијачи да го покажат својот талент, да се натпреваруваат со најдобрите во светот и да стекнат непроценливо искуство на интернационалната сцена. Македонската скијачка федерација продолжува посветено да работи и да вложува во развојот на младите спортисти, а овие натпревари се сериозен чекор напред за иднината на македонското скијање. Со нетрпение ги очекуваме нивните настапи во слалом и во велеслалом и им посакуваме многу среќа и успешни резултати – објави Македонската скијачка федерација.
Во изминатите два дена се возеа тимските комбинации, првпат на светските првенства, во кои титулите ги освоија Бризи Џонсон и Микаела Шифрин од САД во женска конкуренција и Фрањо фон Алмен и Лоик Мејар од Швајцарија во машка. Тимовите се состоеја од по еден натпреварувач во спуст и во слалом, а комбинираните резултати се пресметуваа со додавање на времињата на двата члена на тимот. Секоја земја можеше да има најмногу четири екипи. Ваков тимски натпревар в година првпат ќе има и на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина д’Ампецо (Италија).
По седум трки на СП 2025, на табелата за медали води Швајцарија, со по три златни и сребрени и два бронзени медала, а потоа се САД (2-0-1), Австрија (1-3-1), Италија (1-1-0), Норвешка (0-0-2), Чешка (0-0-1) и Шведска (0-0-1). Н.М.
СП 2025, РАСПОРЕД
13.2, од 9.45 ч. велеслалом, жени
13.2, од 10 ч. велеслалом, мажи, квалификации
14.2, од 9.45 ч. велеслалом, мажи
14.2, од 10 ч. слалом, жени, квалификации
15.2, од 9.45 ч. слалом, жени
15.2, од 10 ч. слалом, мажи, квалификации
16.2, од 9.45 ч. слалом, мажи