Фото: КК Макпетрол

Очекуваме добро претставување на македонскиот карате-тим во полскиот град Варшава, изјави селекторот на каратистите Заборски

Македонската универзитетска карате-репрезентација од денеска до 26 август ќе биде дел од Европската летна универзијада во боречки спортови, која ќе се одржи во Варшава (Полска). Познат е и официјалниот список на репрезентативците што ќе настапат, а го објави селекторот на македонската универзитетска карате-репрезентација и тренер на КК Макпетрол, Бошко Заборски. Репрезентацијата е составена од каратисти од пет македонски универзитети, а во стручниот тим на тренери се вклучени уште Јован Лазаров и Жарко Арсовски.
– На Европска летна универзијада во боречки спортови заминуваме подготвени како и секоја година. Македонските каратисти имаат голема традиција и успешност од настапите на европските универзијади и светските универзитетски првенства. Така, од 2004 до 2025 година во поединечна и во екипна конкуренција имаме освоено вкупно 63 медали од светски и од европски универзијади. Имаме и 14 каратисти од светска категорија, со добиена титула од универзитетски светски медал. Очекуваме добро претставување на македонскиот карате-тим во полскиот град Варшава – изјави селекторот Заборски.
На Европската летна универзијада во боречки спортови ќе се натпреваруваат вкупно 1.131 спортист од 32 држави, претставени со над 400 универзитети, кои ќе се натпреваруваат во четири спорта, карате, џудо, таеквондо и во кикбокс (во другите три спорта нема македонски преставници). Пријавени се и 349 тренери, физиотерапевти, медицински лица, како и тимски тренери. Г.И.


Македонија, состав

Рудина Алиу (до 55 кг), Унив. „Мајка Тереза“, Скопје
Јована Мицовска (до 61 кг), Унив. „Св. Кирил и Методиј“, Скопје
Викторија Јовановска (до 61 кг), Унив. „Факултет за туризам“, Скопје
Ангела Мојсовска (до 68 кг), Унив. „Св. Кирил и Методиј“, Скопје
Мила Панчева (до 55), Унив. „Гоце Делчев“, Штип
Петар Заборски (до 75 кг), Унив. „Св Климент Охридски“, Битола
Љупче Михајлов (до 75 кг), Уни. „Гоце Делчев“, Штип
Данило Божовиќ (над 84 кг), Унив. „Св Кирил и Методиј“, Скопје
Стефан Стојановиќ (над 84 кг), Унив. „Факултет за туризам“, Скопје