ОДБОЈКА
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија настапот во новото издание од Европската лига за годинава ќе го почне како еден од домаќините на првите турнири, кога од 5 до 7 јуни во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека репрезентациите на Луксембург и на Холандија. Со ваквата одлука на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Струмица, поточно хотелот „Пандев“ и салата „Парк“ остануваат базата на машката селекција, која и минатата година на истата локација го имаше настапот во ова европско клупско натпреварување. Според распоредот, Македонија го отвора турнирот со дуел со Холандија на 5 јуни, а два дена подоцна ќе се соочи со Луксембург, информира ОФМ.
Женската репрезентација на Македонија во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе биде организатор на еден од турнирите од третиот викенд (19-21 јуни) во Европската лига, кога ќе ги одмери силите со Хрватска (19 јуни) и со Словенија (21 јуни).
Од годинава Европската лига добива ново значење и
тежина за сите нејзини учесници, односно ја презема улогата на квалификациски циклус за Европското првенство (ЕП) во 2028 година, пишува ОФМ. Г.И.
































