Фото: „Нова Македонија“

Црвено-жолтите ги почнуваат квалификациите за Европското првенство со дуел со Грузија на гости на 17 август, а потоа е натпреварот со Грција дома, на 25 август. Квалификациите потоа продолжуваат во август в година. Вкупно има седум групи, а првопласираните од секоја група и најдобрите пет меѓу второпласираните репрезентации ќе настапат на ЕП 2026

ОДБОЈКА – ТЕСТ-СРЕДБИ ПРЕД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026

Македонија ја совлада Швајцарија со 3-0 (26-24, 25-21, 25-20) во вториот пријателски натпревар одигран на гостински терен, откако го загуби првиот, со 3-0 (25-23, 25-22, 29-27), двата за време на подготовките за настап во квалификациите за пласман на одбојкарското Европско првенство (ЕП) во 2026 година. Црвено-жолтите ги почнуваат квалификациите за континенталното првенство со дуел со Грузија на гости на 17 август, а потоа е натпреварот со Грција дома, на 25 август.
Квалификациите потоа продолжуваат во август в година. Вкупно има седум квалификациски групи, а првопласираните од секоја група и најдобрите пет меѓу второпласираните репрезентации ќе настапат на 34-то Европско првенство за одбојкари, во 2026 година.
Во пресрет на квалификациите, македонската селекција претходно одигра и две пријателски средби со репрезентацијата на Црна Гора, двете на гости, забележувајќи по една победа и пораз со по 3-1.
Македонија играше на три континентални одбојкарски првенства во низа, и тоа на шампионатите во 2019, 2021 и во 2023 година, кога го оствари најдобриот резултат, со пласманот во осминафиналето и освоеното 16-то место во Европа.
За македонската репрезентација сега претстои настап на турнирот „Чајка“, со селекциите на Израел и на Косово, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Во вториот тест-меч со Швајцарија, македонските одбојкари одиграа поквалитетно и имаа контрола на резултатот, а на тој дуел Никола Ѓорѓиев беше најефикасен во македонската селекција со 20 поени, Филип Савовски освои 11, Александар Љафтов девет, Владо Милев три, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ефтим Ричлиев и Стојан Илиев по два, Тоше Ефремов, Стојче Арсов и Филип Лепидовски по еден, а на првиот меч Никола Ѓорѓиев забележа 15 поени, Илиев 10, Љафтов и Милев по осум, Филип Маџунков и Савовски по седум, Лепидовски и Ричлиев по два, а Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ефремов и Арсов по еден, пишува ОФМ. Н.М.