Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКА – ЦЕВ ГО ОБЈАВИ РАСПОРЕДОТ

  • Првиот меч на Македонија во групата Б, која ќе се игра во Софија, е на 9 септември, со кој ќе почне 34. Европско првенство во одбојка, а во следните натпревари македонската репрезентација ќе се сретне со Украина (11 септември), Полска (13 септември), Португалија (15 септември) и со Израел (16 септември)

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија и домаќинот Бугарија на 9 септември, од 19 часот, во групата Б, во Софија, ќе го отворат Европското првенство (ЕП) во 2026 година. Еден час подоцна во Клуж ќе почне и дуелот помеѓу домаќинот Романија и Летонија, во групата Д. Првите мечеви во групите А и Ц се на 10 септември.
Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) го објави комплетниот распоред, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Така, во следните мечеви Македонија на 11 септември (од 16 часот) ќе се сретне со Украина, натпреварот од третото коло со Полска е на 13 септември (19 ч.), на 15 септември е дуелот со Португалија (16 ч.), а еден ден подоцна, во истиот термин е мечот со Израел.
На континенталното одбојкарско првенство в година ќе играат 24 селекции. Најдобрите четири репрезентации од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. Домаќини на ЕП 2026 се Италија, Бугарија, Финска и Романија. Натпреварите за бронзен и за златен медал ќе се играат во Милано (Италија). Титулата од 2023 година ќе ја брани Полска, која пред две години, во финалето во Рим, ја совлада Италија со 3-0 во сетови, а Словенија тогаш го освои третото место победувајќи ја Франција со 3-2.
За машката репрезентација на Македонија ова ќе биде четврто учество во низа на европските првенства. Претходно Македонија настапи на ЕП во 2019 година (се играше во Франција, Словенија, Белгија и во Холандија), каде што го освои 17-то место, потоа на ЕП во 2021-та (во Полска, Чешка, Естонија и во Финска), со пласман на 23-та позиција, а на ЕП во 2023 година (во Македонија, Италија, Бугарија и во Израел) првпат се пласира во осминафиналето и беше на 16-то место. Г.И.


ЕП 2026, ГРУПА Б

Бугарија – Македонија 9.9
Полска – Португалија 10.9
Израел – Украина 10.9
Украина – Македонија 11.9
Португалија – Бугарија 11.9
Полска – Израел 12.9
Бугарија – Украина 12.9
Португалија – Израел 13.9
Македонија – Полска 13.9
Украина – Португалија 14.9
Бугарија – Израел 14.9
Македонија – Португалија 15.9
Полска – Украина 15.9
Израел – Македонија 16.9
Полска – Португалија 16.9
Извор: ОФМ