Денеска машката репрезентација на Македонија ќе го игра решавачкиот дуел со Франција за пласман меѓу осумте најдобри. Женската репрезентација на Македонија во третиот дуел од групата Ц одигра нерешено со Естонија, 4-4
КУГЛАЊЕ
Машката кугларска репрезентација на Македонија во мошне возбудлив и крајно неизвесен натпревар ја совлада Хрватска со 5-3 во поединечни поени (3.709-3.630 вкупно соборени кегли) иако почна со пораз на првите три патеки во дуелот на 11. Светско првенство (СП) во Секешфехервар (Унгарија). По поразите на Сашо Трпковски (636 соборени кегли), Младен Донковски (589) и на Никола Андоновски (581), пресврт направија Борис Бенедик (638), селекторот и играч Димитар Димитровски (648) и Урош Стоклас (617), а дополнителните два поена се резултат на бројот на вкупно соборените кегли.
Денеска Македонија ќе го игра решавачкиот дуел со Франција за пласман во четврт-финалето. Во вториот меч од групата Д, Чешка ја совлада Франција со 8-0 (3.727-3.532). Првите две селекции од секоја група одат во четврт-финалето, а групата Д ќе вкрсти со групата Б, каде што домаќинот на СП 2025 и светскиот првак Австрија веќе се пласираа во втората фаза. По две кола во групата Д води Чешка со четири бода, по два имаат Хрватска и Македонија, а Франција е без бодови.
– Многу тежок меч со оглед на претходниот пораз од Чешка и стартот со Хрватска кога губевме со 0-3. Очигледни беа желбата и мотивираноста на екипата да даде максимум во клучните моменти. Ова е победа на тимскиот дух и жртвата што ја даваме на патеките. Беше задоволство да се гледа атмосферата во салата, која беше на највисоко ниво, а кулминира со поддршката што ја имавме од нашите куглари и кугларки кога пееја македонски песни додека игравме. За пласман во четврт-финалето мораме прво да ја победиме денеска Франција, па да го очекуваме епилогот од мечот Хрватска – Чешка. Ако Хрватска победи, ќе се направи круг од три селекции со ист број бодови и тогаш ќе решава математиката. Може да се каже дека Чешка е фаворит против Хрватска и ако победи, тогаш ќе бидеме втори во групата. Дефинитивно со кого и да играме во четврт-финалето ќе имаме многу тежок ривал оти Унгарија е домаќин, а Австрија актуелен светски првак. Ако три селекции имаат ист број бодови, ќе се гледаат поените од меѓусебните дуели. Франција не е за потценување, поквалитетни сме, но треба да одиграме максимално – рече Димитровски.
Женската репрезентација на Македонија по поразот од Словенија со 1-7, вчера одигра нерешено 4-4 со Естонија. Естонките поединечно славеа со 4-2, но поради подобриот збир на соборени кегли (3.319-3.327), Македонките освоија плус два поена за нерешен резултат. Најдобар поединечен резултат кај Македонија имаше Билјана Гаврилова (586 соборени кегли). Во вториот меч од таа група вчера играа Хрватска и Словенија, кои веќе се пласираа во втората фаза. Г.И.