КУГЛАЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО УНГАРИЈА
Во групата Д, македонските куглари го освоија второто место со две победи и еден пораз и денеска ќе играат со светскиот првак Австрија за влез во полуфиналето
Машката кугларска репрезентација на Македонија се пласира во четврт-финалето на 11. Светско првенство (СП) во Секешфехервар (Унгарија), откако во третиот и последен меч од групата Д ја совлада Франција со 7-1 во поединечни поени (3.542-3.360 во вкупно соборени поени, кои носат плус два поена). Во македонскиот состав победија Трпковски (624 кегли), Донковски (627), Бенедик (616), Димитровски/Ајдин (597) и Стоклас (610), а загуби Андоновски (586). Во прилог на црвено-жолтите им одеше и поразот на Хрватска од Чешка со 2,5-5,5 (3.677-3.721), па во групата Чешка е прва со три победи, Македонија втора со две, Хрватска трета со една и Франција последна со четири порази.
Првите две селекции од секоја од четирите групи одат во втората фаза. По ваквиот расплет, Македонија во четврт-финалето ќе игра со првопласираниот од групата Б, актуелниот светски првак Австрија, а Чешка со домаќинот Унгарија, и двете мошне силни селекции. За Македонија ова е најдобар пласман по 2013 година, кога, исто така, во Унгарија го освои сребрениот медал, загубувајќи во финалето од домаќинот, што претставува најголем успех што некоја македонска репрезентација во кој било спорт воопшто го постигнала. На минатото СП во Вараждин (Хрватска), Македонија беше 10-та, а кугларките, кои сега не се пласираа во втората фаза, беа 15-ти.
– На крајот излезе како што очекувавме, убедливо ја совладавме Франција, а Чешка во мошне возбудлив и крајно неизвесен дуел ја победи Хрватска, со што се пласиравме во четврт-финалето. Нѐ очекува Австрија, која е актуелен светски првак и има одлична генерација млади куглари, но и задоволство е да се игра против нив. Тие се фаворити на хартија, а ние сме тука ако можеме да ја им расипеме забавата – вели македонскиот селектор и играч Димитар Димитровски. Г.И.