Мартин Саздов – Сакса од Свети Николе стана светски првак во една од најпопуларните игри во е-спортот Дота 2, освојувајќи го натпреварувањето „Интернешнл 11“ во Сингапур, заедно со неговиот тим Тундра Еспортс.
Тимот со триумфот освои парична награда од преку осум милиони долари, а се проценува дека Саздов ќе инкасира 1.765.000 долари. Турнирот имаше вкупен награден фонд од речиси 19 милиони долари.

Тундра Еспортс на импресивен начин стигна до светската титула откако во вчерашното финале беше убедлив против Тим Сикрет со резултат 3-0, при што загуби само четири мапи во групната фаза и една во главната фаза.
Победничкиот тим заедно со Саздов го сочинуваа Олибер Лепко – Скитер од Словачка, Нета Шапира – 33 од Израел, Јунг Ву – Снејкинг од САД, Куртис Линг – Ауи-2000 од Канада и Леон Кирилин – Најн од Русија.