Наградите за европските атлетски федерации членки им беа доделени на Тони Лазаров од Македонија и на Кристина Шабадкаине-Ваго од Унгарија

НА СВЕЧЕНАТА ЦЕРЕМОНИЈА ВО СКОПЈЕ

Јарослава Махучих и Арманд Дуплантис се прогласени за европски атлетичари за 2024 година, вечерта на доделувањето „златни патеки“ во Скопје. И двајцата победници се претходни добитници на трофејот „Ѕвезда во подем“, награда што им дава признание на најистакнатите млади спортисти во Европа. Махучих и Дуплантис освоија европски и олимписки титули и поставија светски рекорди на нивните соодветни настапи годинава.
Махучих, на која трофејот ѝ го врачи претседателот на Европската атлетика, Добромир Карамаринов, ја задржа европската титула во Рим, пред да го освои златниот медал во скок во височина на ЛОИ 2024. Но веројатно нејзиното најголемо достигнување дојде еден месец пред ЛОИ, во Дијамантската лига, каде што Махучих испиша историја соборувајќи го светскиот рекорд во скок во височина (2,10 м). Дуплантис имаше една од најуспешните сезони во својата кариера, бранејќи ги титулите на ЛОИ, ЕП и на СП во сала и надминувајќи ги светските рекорди од 6,24 до 6,26 м, завршувајќи го летниот настап со осум најдобри резултати во сезоната.
Годинешни победници во категоријата „Ѕвезда во подем“ се српската медалистка во фрлање копје Адријана Вилагош, која освои сребро, и шестопласираниот на ЛОИ во Париз на 1.500 метри, Холанѓанецот Нилс Ларос.
Специјалната награда „тимски дух“ ја доби италијанскиот национален тим, кој настапи на ЕП во Рим, а за најдобри тренери наградите ги примија Србинот Драгутин Топиќ и неговата сонародничка Ѓерѓи Вилагош. Наградите за европските атлетски федерации членки им беа доделени на Тони Лазаров од Македонија и на Кристина Шабадкаине-Ваго од Унгарија. Г.И.