Фото: ЕПА

ЗОИ 2026

  • Златото на Бразилецот Пињеиро Бротен во велеслалом е првиот медал освоен од која било јужноамериканска земја на ЗОИ

Лукас Пињеиро Бротен (25) влезе во историјата на Бразил освојувајќи го првиот медал, и тоа златен, на зимски олимписки игри (ЗОИ) за својата земја. Роден во Осло од норвешки татко и бразилска мајка, Пињеиро Бротен освои медали во Светскиот куп за земјата на неговото раѓање пред да го објави своето неочекувано пензионирање во 2023 година, пишува „Би-би-си“. Точно една година подоцна, откако ја врати љубовта кон скијањето, се врати на тој спорт, но сега во зелено-жолтата боја на Бразил, сакајќи да го почитува своето наследство од страната на мајка му.
– Скијав целосно според мојата интуиција и моето срце и тоа е она што ми овозможи да станам олимписки шампион. Немаше никаква врска со медалот, со историјата што имав потенцијал да ја напишам. Само сакав да скијам како личноста што сум. Знам дека можам да бидам најдобар во светот, ако го правам тоа во најголема мера – изјави Пињеиро Бротен, пренесе „Би-би-си“.
Во снежни услови во Бормио, на ЗОИ 2026 во Милано и Кортина д`Ампецо, Пињеиро Бротен (25) одржа маестрален час на патеката „Стелвио“ за да го победи швајцарскиот великан Марко Одермат и да освои злато. Лоик Мејард ја освои бронзата. Златото на Пињеиро Бротен е и првиот медал освоен од која било јужноамериканска земја на ЗОИ.
– Јас сум личност со културна двојност. Секогаш се претставени две перспективи. Никогаш не сум живеел живот каде што сум претставен само на една реалност, една култура или еден начин на живот. Секогаш постоеле овие поларни спротивности и затоа мислам дека тоа ме обликувало да станам тоа што сум денес и каков што сакам да го живеам својот живот – изјави тој за агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП), пренесе „Би-би-си“.
Тој ја сака модата, одел по пистата во Копенхаген и има стан во Милано, италијанската престолнина на модата.

– Луѓето што се гледаат себеси во спорт за кој им било кажано дека не е за нив, тоа ми останува во сеќавање. И пораките што велат: никогаш порано не сум гледал скијање, но сега гледам. Децата прашуваат каде можат да видат снег. Норвешка ме научи како да бидам спортист, како да се спротивставам на студот. Бразил ме научи како да бидам свој – рече Пињеиро Бротен пред почетокот на Игрите, пишува „Би-би-си“
Пињеиро Бротен освои 12 медали за Норвешка, но го изненади светот на скијањето кога се пензионира на само 23 години. Дванаесет месеци подоцна тој се врати со ново знаме до неговото име. Тој го нарече тоа „најголемиот проект во мојот живот“. Првата победа во СК во бразилските бои ја оствари во ноември, а зборувајќи по неговиот најголем триумф во саботата, тој рече: „Не сум во можност дури ни да ја сфатам реалноста, додека стојам тука во моментов. Само се обидувам да добијам некаков вид емоција тука и да ја преведам во зборови, иако тоа е апсолутно невозможно. Се надевам дека ќе можам да инспирирам некои деца таму дека, и покрај тоа што носат, како изгледаат, од каде доаѓаат, можат да ги следат своите соништа и да бидат тоа што навистина се. Затоа што тоа е вистинскиот извор на среќа во животот“, пренесе „Би-би-си“. Г.И.


ЗОИ 2026

Виктор Петков на 55. место во велеслаломската трка

Македонскиот алпски скијач Виктор Петков (26) по двете извозени трки во велеслаломот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија) го освои 55. место. По првата трка, на многу тешката патека за возење, Петков се наоѓаше на делба на 57-та позиција. За македонскиот олимпиец ова беа први ЗОИ во неговата кариера. На стартот се појавија 81 скијач, а по двете возења низ целта поминаа 69 натпреварувачи. По настапот на нордијците Ствре Јада и Ана Цветановска во трките спринт на 1,6 км и на 10 км, од македонската четиричлена натпреварувачка експедиција (најмногу досега на едни ЗОИ), Јана Атанасовска вчера во алпско скијање настапи во велеслалом. Во алпското скијање останаа уште трките во слалом. Г.И.