Фестивалот е рефлексија на идентитетот, културата и традицијата на стружани. Рефлексија на љубов кон Дримот. Овој фестивал се гради со многу ентузијазам и, се разбира, несебична поддршка на мноштво добронамерници. Останува нашата определба фестивалот да стане јасен промотор на градот екстензивно, вели Лиза Пантековска, проектен координатор во клубот „Соларис“
Спортски фестивал „Илинден 2025“
Традиционалниот спортски фестивал „Илинден 2025“ по четврти пат ќе се одржи во Струга на 2 август, во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“.
Ќе можат да се проследат ватерполо турнир во соработка со Ватерполо федерацијата на Македонија, пливачките трки, кајак регатата, трките во СУП и за крај на радост на сите македонски граѓани, ќе се одржи и натпреварувањето во струшка такла.
Во рамките на своите можности силите ќе ги одмерат 150 натпреварувачи.
Лиза Пантековска, проектен координатор во клубот, вели дека годинава ќе има учесници и од европските земји.
– И годинава бројот на пријави на фестивалот во сите спортски дисциплини изнесува 150. Она по што се разликуваме од претходните изданија е скромна, но значајна интернационализација. Водите на Дрим ќе ги разбрануваат натпреварувачи и од дел европски земји. Сепак, доминираат локални претставници. Фестивалот е всушност фестивал на сите, на секој еден стружанец, па не случајно и ваквата ситуација на терен. Настојуваме да го оптимизираме фестивалот по однос на дневното времетраење, што ќе подразбира стабилизација на број на натпреварувачи, но пораст на бројот на публиката – вели Пантековска.

Новитет годинава е што во фестивалот ќе бидат вклучени и лица со инклузивност.
– Се работи за горлив општествен проблем. Инклузијата преку спортот не е воопшто нова. Вклучувањето на лицата со потешкотии од сите категории е проектно наследство на кое организаторот на фестивалот, Спортско – рекреативниот клуб „Соларис“ работи од скоро. Учеството на овие лица во случајов е низ волонтерската програма. Задачите им се доверени низ претходна проценка на афинитети и можности. Како на пример пункт за освежување. Ова ќе биде пилот настан за оние што ќе следат. Сѐ уште говориме за пионерски чекори – објаснува Пантековска.
Право на учество во натпреварите имаат сите полнолетни граѓани кои претходно се пријавиле на платформата и ги прифатиле критериумите за учество. Еден од нив е натпреварувачите да не се активни спортисти, односно да не се официјални натпреварувачи во првенства организирани од соодветните спортски федерации. Можат да бидат поранешни спортисти, но и граѓани што никогаш не се натпреварувале во официјални натпревари.

– Секое спортско случување во својата основа има повеќе функции: здравствена, едукативна, социјална, економско -туристичка. Спортскиот фестивал „Илинден“ е случување што го промовира спортот за сите. Настојува да го доближи до сите кои претходно не го чувствувале за близок преку критериумите и пропозициите за учество. Понатаму, фестивалот во својот идеен концепт значи поттикнување на различната туристичка понуда на Струга. Се работи за толкава природно – содржинска автентичност која не се среќава на друго место. Оттаму неговата вредност и за Македонија во целост – вели Пантековска.
За неа фестивалот е е дел од идентитетот на македонскиот народ, посебно од идентитетот на стружани.
– Многу повеќе е од само спортско случување. Фестивалот е рефлексија на идентитетот, културата и традицијата на стружани. Рефлексија на љубов кон Дримот.
Овој фестивал се гради со многу ентузијазам и, се разбира, несебична поддршка на мноштво добронамерници. Останува нашата определба фестивалот да стане јасен промотор на градот екстензивно. Преку цела година и се разбира преку нови содржини – додава Пантековска.
Минатогодишниот фестивал имаше над 3.000 посетители, а организаторите очекуваат голема посетеност и годинава.
Б.Ст.