Фото: ЕПА

Водејќи ги белите фигури, Гукеш се предаде во 42. потег

ШАХ – МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК

Бранителот на титулата светски првак, Кинезот Динг Лирен (2.728 рејтинг-поени), ја доби првата партија од предвидените 14 во Сингапур против претендентот, Индиецот Домарају Гукеш (2.783). Водејќи ги белите фигури, Гукеш се предаде во 42. потег, а беше играна француска одбрана (варијанта на Штајниц). Втората партија од мечот се играше вчера, а белите фигури ги водеше Лирен.
И покрај тоа што потроши многу време во почетокот од партијата, Лирен најде начин да ја запре иницијативата во отворањето и да ги искористи слабостите на белите пешаци за да преземе контранапад во средишницата, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Речиси цела партија ја поминав на таблата, не во собата за играчите како првиот меч, минатиот пат. Само ги поместував фигурите многу побрзо, за да има притисок не само на таблата туку и на часовникот – рече Лирен, пренесе специјализираната шаховска интернет-страница „Чес“.
За Лирен ова е прва победа во класичен шах од 27 јануари годинава, кога го совлада ВМ Макс Вармердам, пишува ФИДЕ. За Гукеш ова беше трет пораз досега од Лирен и сите со бели фигури. Првпат од мечот Вишванатан Ананд – Веселин Топалов во 2010 година првата партија од меч за светски првак заврши со победа. Тогаш Ананд загуби, но ја освои титулата, пишува ФИДЕ.
– Очигледно го изненадив во отворањето и играв добро. Мислам дека подоцна тоа беше превид од моја страна, а за формата на противникот, ја очекував најдобрата верзија од него. Ни претстои долг меч, па така, сега е само повозбудливо – рече Гукеш, пренесе „Чес“. Г.И.