Атлетското семејство на Работнички беше едно од најпрепознатливите во македонскиот спорт. Низ него поминаа многу шампиони и спортски работници што оставија силен печат на своето време. Ентузијазмот беше најсилното оружје со кое се решаваа многубројните проблеми и во најтурбулентните години
Од атлетската историја (5)
Атлетскиот клуб Работнички е еден од најстарите спортски колективи во нашата држава. Тој, всушност, беше пионер не само на македонската атлетика туку беше и еден од првите клубови што профункционираа во рамките на Железничарското спортско друштво Работнички, веднаш по Втората светска војна. За овој клуб, а во тоа можевте да се уверите и од претходните четири текста објавени во минатите броеви на овие страници на „Нова Македонија“, може да се каже оти по војната стана едно респектабилно и цврсто спортско семејство низ кое поминаа многу атлетски шампиони и рекордери. Во него поникнаа и повеќе репрезентативци на поранешна Југославија, кои оставија печат не само во македонската туку и во југословенската, па и во балканската атлетика. Некој ако сака да го негира тоа и да каже оти на нашиве простори атлетиката почна да се развива во поново време, многу ќе погреши. Од вистината нема бегање, па и јас како актер во овој спорт и член на Работнички, потоа на македонската и на југословенската репрезентација, може слободно да кажам оти тоа време од 50-тите и 60-тите години на минатиот век, гледајќи од оваа временска дистанца, е незаборавно и од атлетски аспект многу квалитетно. Впрочем тоа беше оној период кога атлетиката се избори за својот статус во целокупното спортско живеење.
Првиот претседател – како родител
Целиот живот сум врзан со спортот, најмногу поради професијата, па иако сум доживеал многу нешта и случки на спортската сцена, сепак, ќе кажам оти она што го живеевме во АК Работнички беше нешто што не може да се опише. Тоа е период кога во тоа атлетско семејство ја градевме сопствената личност и ги стекнувавме позитивните карактерни особини. Во АК Работнички го имавме токму она, на што нѐ воспитуваа уште од детските години и нашите родители. А тоа беше да бидеме цврсти, дисциплинирани, непоколебливи и посветени на она што го работиме. Едноставно кажано, клубот стана нашето најдобро училиште.
Е, сега да се вратам на она што треба да биде поента во овој петти текст посветен на атлетиката и на Работнички. Сакам на некој начин да ги споменам и луѓето што се грижеа за клубот и за сите негови членови. Нивната намера беше од нас да создадат врвни атлетичари, а нормално со тоа и личности што подоцна ќе можат успешно и цврсто да чекорат по својот животен пат.
Во почетокот, исклучувајќи ги во оваа пригода оние што како спортисти и функционери го градеа АК Работнички, за кои веќе пишував, сега сакам да ги споменам и оние луѓе што беа во сенка, а без кои клубот немаше да биде она што стана подоцна, па еве живее и денес.
Во првите повоени години АКР немал некоја посебна и многубројна управа. Со него раководеле луѓето од Спортското друштво, од кои најангажиран бил секретарот Трајан Ивановски, кој подоцна стана еден од најпознатите фудбалски судии. Токму тој човек ги решавал сите проблеми сѐ до оној момент додека АК Работнички во името на Мирослав Јовановски не го добил првиот претседател. Според кажувањето на постарите, тој бил човек со високи квалитети, кој со својата енергичност и принципиелност станал омилен во клубот. Со довербата што ја стекнал подоцна можел да ја отвори секоја врата, само на АК Работнички да му овозможи пристојна егзистенција. Чичко Мирослав, како што го нарекувале членовите на клубот, многу совесно ги вршел своите задачи, а кон атлетичарите имал родителски однос и во секој момент, доколку се појавел некој проблем, тој лично се ангажирал да го реши.
Плејада успешни претседатели
Откако АК Работнички ја добил почетната афирмација, некако било полесно во тие години да се најдат и луѓе што ќе му помагаат со единствена цел да го доведат клубот на повисоко рамниште. По првиот претседател доаѓа една плејада претседатели со кои АК Работнички продолжи да чекори напред и стана фактор во македонскиот спорт. Ова е момент да ги споменам и тие спортски работници, кои во рамките на своите можности помагаа и го одржуваа нивото на клубот. Во оваа група би ги ставил претседателите на АК Работнички во периодот од 1945 до 1970 година, а тоа се: Момчило Бубалов, Димитар Димитровски-Димко (еден од петтемина дебармаалски браќа, кои целиот живот беа посветени на АКР), потоа инж. Михаило Михаилов и Владо Чадиковски, кој најдолго се задржа на оваа функција и многу направи за клубот, во кој членуваа и двата негови сина, од кои помладиот, Ѓорѓи, стана еден од најдобрите македонски спринтери.
Сите гореспоменати многу сторија во првите две децении по Втората светска војна, не само да го одржат клубот туку и квалитетно да го издигнат. Тоа се луѓе, како што често знаевме да кажеме, „од сенка“, без кои АК Работнички тешко ќе можеше да влезе во костец со проблемите. Сите тие беа вистински ентузијасти, кои не се штедеа и правеа сѐ само клубот да има мирен живот и да се посвети на она што беше негова главна цела, да создава атлетски рекордери и шампиони.
Грижа и за тренерскиот кадар
Нема да откријам ништо ново ако кажам оти еден клуб за да го постигне посакуваниот резултат, потребни се и образувани тренери. Ако за екипните спортови, кои барем во тоа време беа многу попривлечни од атлетиката, тренери полесно можеа да се најдат, за атлетиката беше потешко. Имено, нејзината популарност не беше на нивото што го заслужуваше, па така, и оние школувани тренери со завршен Факултет за физичка култура, тешко се решаваа да запловат во атлетските води. Можеби од оваа причина како стручни лица, потпирајќи се на нивното искуство беа ангажирани поранешни атлетичари, кои покажуваа афинитет и за тренерската работа. Таков беше случајот, барем што се однесуваше до Работнички, со Љубиша Трбоевски, кој имаше блескава кариера како активен атлетичар. Дури подоцна доаѓаа тренери со завршен факултет како Ташко Благоев и Јован Шуков, кој подоцна стана и почитуван професор на Факултетот за физичка култура во Скопје.
Интересно е оти во еден критичен тренерски период, за среќа на Работнички, во старото јато се најде повратникот од Белград, каде што студираше на ДИФ, а потоа беше професор и тренер во Инџија, популарниот Душан Ангеловски. Тој му се приклучи на тренерскиот тим во кој и понатаму главен „командант“ беше Чедо Шаревски.
Така, Работнички, што се однесуваше од тренерски аспект, се стабилизира и продолжи по својот пат. Кога веќе го споменав, за жал, покојниот Душко Ангеловски, мислам дека е ова вистински момент да потсетам оти тој беше првиот иницијатор и организатор на сега веќе афирмираниот Скопски атлетски маратон. Инаку, Душко многу години додека работеше како професор и тренер на АК Железничар од Инџија, беше посебно посветен на работата со маратонците, меѓу кои најзвучно име беше Мирко Вујаклија, кој беше и југословенски репрезентативец. Можеби овој момент беше пресуден Ангеловски во деведесеттите години од минатиот век да влезе во една неизвесна авантура и да го организира првиот Скопски маратон. Ние што го познававме знаевме дека ќе успее. Впрочем, тој своите организациски способности за вакви приредби ги покажа многу порано преку организацијата на „Божиќната трка“ во Скопје, која подоцна стана традиционална, а беше носител на сите активности и на некогашните традиционални РТВ-кросеви на кои имаше илјадници учесници од сите возрасти. Мора да признаеме оти такви ентузијасти, како популарниот Дуле, повеќе не се раѓаат.
Сличен тренерски пат имаа и Ѓорѓи Вучков и покојниот Ташко Благоев, кои не беа само истакнати атлетичари туку и тренери. Двајцата во атлетската кариера беа шампиони и рекордери на Македонија, а подоцна станаа и учители на многу познати македонски атлетичари, не само во Работнички туку и во другите клубови.
Ова мое навраќање на почетните години на АК Работнички е само мал дел од историјата на популарниот клуб. Инаку, за него и за личностите што ја создаваа таа историја и на некој начин се вградија во неа, може уште многу да се пишува. Но тоа го оставам за некоја друга пригода.
Серијалот посветен на АК Работнички ќе го завршам идната недела со „Веселата патека“. Тука ќе има некои интересни доживувања, за да се види дека, сепак, покрај сериозноста со која се тренираше имаше моменти на опуштање и смеа. Впрочем, во тоа беше и убавината на спортувањето, не само во тие повоени години туку и во годините што доаѓаа…