Фото: ЕПА

ЛОИ 2024 – АТЛЕТИКА

Американскиот атлетичар Ноа Лајлс ја освои титулата во трката на 100 метри на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, во трка што влезе во историјата на финалињата на најкратката делница. Светскиот првак е прв со резултат од 9,79 секунди, победувајќи го светскиот лидер за годинава, Кишане Томпсон од Јамајка, за само пет илјадити делови од секундата, пишува Светската атлетика (СА).
Светскиот шампион на САД од 2022 година и освојувач на сребрен олимписки медал на Игрите во Токио во 2021 година, Фред Керли од САД, се закити со бронза, постигнувајќи време од 9,81, една стотинка пред Акани Симбине од Јужна Африка. Бранителот на титулата од Италија, Марсел Џејкобс, е петти со време од 9,85 секунди, Летсиле Тебого од Боцвана е шести со 9,86 секунди, Кени Беднарек од САД го освои седмото место со 9,88 и Јамајчанецот Облик Севилја со време од 9,91 секунди е осми. Тоа беше првпат осум атлетичари да имаат времиња побрзи од 10 секунди во иста трка со дозволен ветер, а 12 стотинки е најмалата разлика меѓу првото и осмото место во финале на Летни олимписки игри или на Светското првенство на 100 метри за мажи, пишува СА. Н.М.


ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ НА ЛОИ 2024

ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР.
Кина 21 16 12
САД 19 27 26
Франција 12 14 18
Австралија 12 11 8
Јужна Кореја 11 8 7
Велика Британија 10 12 16
Јапонија 9 5 11
Италија 7 10 5

Извор: ИОК
табелата е по вчерашните претпладневни финалиња, а синоќа на програмата беа доделени медали уште во осум спорта