Новак Ѓоковиќ одново ќе биде број еден во светот и ќе го зголеми светскиот рекорд на најмалку 382 недели на врвот
ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО МАЈАМИ
Чешката тенисерка Петра Квитова (33) триумфира на мастерс-турнирот во Мајами (САД), откако во финалниот дуел во два сета со 7-6 и 6-2 ја совлада Казахстанката Елена Рибакина (23). Квитова, моментно 12-та тенисерка во светот, до победата над седмата тенисерка на ВТА-листата дојде по 102 минути игра и го освои 30-от турнир во својата кариера. Во тајбрејкот во првиот сет по голема борба победи Квитова со 16-14.
– Тајбрејкот, веројатно, беше најдолгиот во мојата кариера и некако успеав. Рибакина имаше толку многу асови на почетокот на тајбрејкот што не можев ни да играм. Ова беше навистина тешко и неверојатно – рече Квитова.
Двократната победничка на гранслем-турнирите Квитова од денеска ќе се врати во врвните 10 на светот, првпат од септември 2021 година.
Во машка конкуренција во вчерашното финале требаше да играат Русинот Данил Медведев (5) и Италијанецот Јаник Синер (11). Медведев во полуфиналето го совлада сонародникот Карен Хачанов со 7-6, 3-6, 6-3, а Синер приреди изненадување, елиминирајќи го првиот фаворит, Шпанецот Карлос Алкараз со 6-7, 6-4, 6-2. Токму овој пораз од денеска ќе донесе нова промена на врвот на АТП-листата. Алкараз не успеа да ја одбрани титулата на мастерсот во Мајами, со што Новак Ѓоковиќ одново ќе биде број еден во светот, но истовремено и да биде уште две недели на првото место. Ова ќе го зголеми светскиот рекорд на Ѓоковиќ на најмалку 382 недели на врвот. Г.И.