Македонија има континуитет од освојување медали на европските натпреварувања, досега има вкупно 17. Репрезентацијата ја темпира формата заедно со селекциите на Словенија и на Хрватска, пред ЕП во Ерменија
КАРАТЕ
Македонската сениорска карате-репрезентација во борби, предводена од селекторот Александар Кузмановски, во комплексот СПА во Даруварске Топлице (Хрватска), ја темпира формата заедно со карате-репрезентациите на Словенија и на Хрватска. Тие заедно на татамите се подготвуваат за претстојното Европското првенство (ЕП) за сениори, кое ќе се одржи во главниот град на Ерменија, Ереван, од 6 до 11 мај.
Македонија има континуитет од освојување медали на европските натпреварувања. Минатата година членката на скопскиот карате-клуб Олимпик, Михаела Мишовска (категорија до 50 кг) освои сребрен медал на ЕП за сениорки во Задар (Хрватска). На патот до среброто таа забележа четири победи, и тоа против Ерминија Пефето од Италија, Маријами Васадѕе од Грузија, Корал Амос од Израел и Стилијани-Елени Цилија од Грција, а во финалето загуби од Ема Сгардели од Хрватска.
Селекторот во борби Кузмановски и овој пат е оптимист пред ЕП, иако годинава ќе биде многу потешко да се дојде до медал поради фактот што сите ќе настојуваат да обезбедат виза за Светското првенство (СП), кое ќе се одржи годинава во Каиро (Египет).
– Подготовките се одвиваат според поставениот план и со ништо не заостануваме зад нашите конкуренти и спаринг-партнери овде. Сите сме фокусирани на претстојното Европско првенство. Ќе напоменам само дека ова е индивидуален спорт и секој треба да го даде максимумот ако сака да постигне висок резултат. Не ми преостанува ништо друго освен да ги поддржам овие натпреварувачи да ја претстават Македонија во вистинско светло, онака како што прилега. Многупати досега сме покажале и докажале дека кога ни било најтешко, сме се враќале со медал. Непосредно пред подготовките своето учество во репрезентацијата го откажа Љупче Михајлов. И машката и женската селекција се составени од неколку стандардни првотимци и млади натпреварувачи, од кои очекувам во иднина да бидат костурот на репрезентацијата – вели Кузмановски.
Македонија досега освои вкупно 17 медали од сениорските европски првенства, од кои 16 во борби и една во кати-екипно, а најуспешен каратист е Емил Павлов, со по две злата и бронзи. Г.И.
Македонија, состав, борби
ЖЕНИ
Михаела Мишовска (до 50 кг)
Симона Заборска (до 55 кг)
Вероника Костовска (до 61 кг)
Ангела Мојсовска (до 68 кг)
Ердона Зибери (над 68 кг)
Викторија Јовановска (екипно)
МАЖИ
Фаик Весели (до 60 кг)
Матеј Белистојаноски (до 67 кг)
Мурсел Месини (до 75 кг)
Петар Спасеновски (до 84 кг)
Стефан Стојановиќ (над 84 кг)
Данило Божовиќ (екипно)