ШАХ
ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Кралевски е победник на четвртиот и последен ветерански турнир на Скопје во организација на Здружението шаховски клуб на ветерани Скопје 72, а во соработка со Националниот сојуз на слепи на Македонија. Кралевски (2.028 рејтинг-поени, рангиран втор пред почетокот на турнирот) освои осум поени, а потоа се Миле Трајковски (1.947, петти) со шест, ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.884, осми), Илија Стошевски (1.972, четврти), и двајцата со по 5,5, ФМ Љубомир Илиќ (2.105, прв) со пет поени итн. Се играше со темпо од 20 минути плус 15 секунди по секој потег. Победата на Кралевски (втора на овие турнири) беше доволна да биде и вкупен победник со 48 бода, втор е Илиќ со 40, а трет Стошевски 33 бода.
– Многу борбен турнир, каде што беа видени неколку убави шаховски партии, како во старите времиња, со жртви на таблата. Задоволни сме од тоа како помина првата организациска година и од квалитетот на играчите што настапија, а така ќе продолжиме и во следната, со главна цел да обезбедиме сопствена просторија каде што би ги играле турнирите – ни изјави Стошевски, претседател на Здружението шаховски клуб на ветерани Скопје 72.
Табела на првите 10: Александар Кралевски 48 бода, Љубомир Илиќ 40, Илија Стошевски 33, Љубомир Хаџи-Манев 22, Миле Трајковски 20, Саво Спасеновски, 15, Виктор Раниќ 12, Борис Јаневски 10, Ненад Батковски 10, Љупчо Ѓоршев 9. Г.И.