ЗАВРШИ ВЕТЕРАНСКИОТ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ

  • Трите турнира едноставно покажаа дека и во ветеранските шаховски години може да се организираат одлични турнири, кои, пак, од своја страна, изискуваат голем напор за целосно да успеат на највисоко ниво

Со победата на скопскиот ФМ Александар Кралевски (1.982 рејтинг-поени, рангиран петти пред почетокот) на третиот и последен турнир во класичен шах (90 минути плус 30 секунди по секој потег), и официјално заврши ветеранскиот шаховски фестивал наречен „Незаборав за хероите 1941-1944“, кој во извонредна организација на ШКВ Скопје 72 се играше во седум кола (20 шахисти, не помлади од 60 год.), во просториите на ШК Алкалоид. Во последното коло Кралевски со тактички одлична игра, успеа да освои пион против ФМ Јани Богоевски (2.144, 1), кој се покажа доволен за победа, освоени шест поени, прво место, награда од 12.000 денари и славенички пехар, кој му го предаде претседателот на клубот-организатор Илија Стошевски. Кралевски победи и на турнирот во забрзан шах, додека во брз шах победи Јосип Димитровски. Со тоа и двајцата станаа ветерански прваци на Скопје за годинава во своите категории. Втор на третиот турнир е Богоевски, додека трет е Стошевски (2.045, 3.), кој со виртуозна игра проткаена со тактички замки успеа да го надигра Миле Трајковски (1.894, 7.). И двајцата освоија по пет поени, но Богоевски е втор поради подобар дополнителен критериум. Четврти е Атанас Ташевски (1.893, 8.), а петти ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.965, 6.) со по 4,5 поени. Најдобро пласиран претставник од Националната спортска федерација на слепи и слабoвидни шахисти (11-ти) е Блаже Атанасовски (1.826, 11.), кому му припадна и наградата од 2.000 денари. Во извонредна организација, шаховска атмосфера, возбудливи и докрај неизвесни партии, љубителите на шахот во изминативе три турнира можеа да уживаат на ветеранскиот шаховски фестивал. ШКВ Скопје 72, кој едноставно покажа, како и во ветеранските шаховски години може да се организираат одлични турнири, кои, пак, секако дека изискуваат голем напор за целосно да успеат на највисоко ниво.
– Во оваа пригода би ги пофалил луѓето што придонесоа за успешната организација на овој незаборавен шаховски фестивал, на кој можат да им позавидат и многу држави. Тоа се директорот на турнирот Александар Сидоровски, претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски, потпретседателот на клубот и судија Љубомир Хаџи-Манев, Влатко Бужаровски за логистика, селекторот на екипата на организаторот ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, спонзорот Државна лотарија на Македонија, ШК Алкалоид за отстапената просторија и шаховска опрема, секојдневното стручно известување на весникот „Нова Македонија“ и, секако, сите шахисти учесници за одличната дружба и игра за време на турнирот – нагласи Илија Стошевски, кој беше одговорен за организацијата на шаховскиот фестивал. Г.И.