ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ

Скопскиот ФИДЕ-мајстор Александар Кралевски (2.122 рејтинг-поени, рангиран втор пред почетокот на турнирот) е победник на првиот турнир во забрзан шах во рамките на шаховскиот фестивал „Незаборав за хероите 1941-1944“, во организација на ШКВ Скопје 72, одржан во просториите на ШК Алкалоид, во девет кола. Со тоа Кралевски стана ветерански првак на Скопје во забрзан шах за годинава. Во конкуренција на 27 ветерани, Кралевски освои осум поени, а во последното коло во бурна партија со Миле Трајковски (1.981), со жртва на топ дојде до посакуваната цел. Втор е Ацо Атанасов (2.015) со седум поени, а трет е Душко Сурловски (1.935) со шест, откако почна со два пораза.
– Турнирот во забрзан шах, кој е дел шаховскиот фестивал, изобилуваше со прекрасни партии, голема борбеност до последниот здив, исто онака како што се бореа нашите револуционери за нашата денешна слобода. Со овој турнир и ние ветераните достојно го одбележивме значењето на македонскиот празник 11 Октомври, под мотото „Незаборав на хероите 1941-1944“. Организацијата од страна на клубот сопственик на просториите беше извонредна, вистински шаховски амбиент со мноштво присутни гледачи, кои уживаа во она што го видоа на таблите. Во името на ШК Алкалоид, шахистите ги поздрави, им го честиташе празникот и им посака убаво дружење и уживање во турнирските дуели претставничката на ШК Алкалоид, ЖФМ Лидија Софревска-Андонова – ни изјави претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски, кој му го предаде пехарот на победникот.
Следниот турнир од шаховскиот фестивал за ветерани е во брз шах, на 2 ноември, а третиот, во стандарден шах, од 7 до 13 ноември. Победниците на турнирите се стекнуваат со титулата шаховски првак на Скопје за ветеранска категорија за годинава. Г.И.