ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ИОК ВО ПРЕСРЕТ НА ЗОИ 2026
- Ако сакаме да останеме силни, мора да ги поместиме сопствените граници, да бидеме искрени за тоа што функционира, а што не функционира. Олимписките игри се посилни од кога било, но за да ги одржиме такви, мора да продолжиме да се развиваме, а тоа почнува со еден од најважните разговори што претстојат, иднината на самите олимписки игри, и, особено, олимписката програма. Мора да се погрижиме игрите да останат инспиративни за младите луѓе. Да се пронајде вистинска рамнотежа помеѓу традицијата и иновацијата, помеѓу стабилноста и флексибилноста. Знам дека овие дискусии може да бидат непријатни, но тие се од суштинско значење ако сакаме да ги одржиме игрите силни за идните генерации, рече Ковентри, пренесе ИОК
Претседателката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри, го повика ИОК да продолжи да се развива како спортистите што се натпреваруваат на игрите, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата официјална интернет-страница.
– Нашата игра е спорт. За да растат и да се истакнат, спортистите постојано ги поместуваат своите граници. Тие излегуваат од својата зона на удобност. Тие не успеваат, се адаптираат, повторно стануваат и се обидуваат повторно, секогаш водени од верувањето дека можат да бидат подобри. Така изгледа напредокот – рече Ковентри, двојна олимписка шампионка во пливање, во својот говор на 145. Сесија на ИОК во Милано во пресрет на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, кои почнуваат утре.
Истиот дух е потребен и за водење на Олимпиското движење, рече таа.
– Ако сакаме да останеме силни, мора да ги поместиме сопствените граници. Мора да бидеме искрени за тоа што функционира, а понекогаш, што е поважно, што не функционира. И кога правиме грешки, ни треба храброст да кажеме: ќе се справиме подобро следниот пат. Ова е суштината на тековниот процес „Подготвен за иднината“. Одржување на начинот на размислување на спортистот е секогаш учење, секогаш подобрување, никогаш стоење во место. Олимписките игри се посилни од кога било, но за да ги одржиме такви, мора да продолжиме да се развиваме, а тоа почнува со еден од најважните разговори што претстојат: иднината на самите олимписки игри и, особено, олимписката програма – вели Ковентри, пренесе ИОК.
Светот поминува низ длабока промена што ги допира сите области од животот. Би било опасно да се потпираме на нашите ловорики, рече таа.
– Мора да се погрижиме игрите да останат инспиративни за младите луѓе насекаде, да ги одразуваат нивните вредности, нивното чувство за автентичност и нивната потрага по нешто вистинско. Да се пронајде вистинската рамнотежа помеѓу традицијата и иновацијата, помеѓу стабилноста и флексибилноста. Тоа значи дека мора да ги гледаме нашите спортови, дисциплини и настани со свежи очи, за да бидеме сигурни дека еволуираме со нашето време. И мора да препознаеме дека секоја еволуција ќе влијае на сите нас: спортисти, федерации, национални олимписки комитети, организатори, гледачи и други. Преку „Подготвен за иднината“, создаваме простор за отвореност и со почит да ги водиме овие разговори, да го слушаме секој глас и да донесуваме одлуки што им служат на долгорочните интереси на игрите како целина. Знам дека овие дискусии можат да бидат, и потенцијално ќе бидат, непријатни, но тие се од суштинско значење ако сакаме да ги одржиме игрите силни за идните генерации – рече Ковентри, потсетувајќи дека „еволуцијата не значи нестабилност, туку обнова, за да се осигуриме дека нашата организација го одразува светот во кој живееме денес, додека остануваме верни на нашата мисија“, пренесе ИОК.
Во срцето на таа мисија е спортот, рече таа, пренесувајќи го она што многу членови на ИОК ѝ го кажале за време на кампањата за претседателка.
– Мораме да се фокусираме на нашата суштина. Ние сме спортска организација. Ја разбираме политиката и знаеме дека не работиме во вакуум. Но нашата игра е спорт. Тоа значи спортот да се одржува како неутрален терен, место каде што секој спортист може слободно да се натпреварува, без да биде попречен од политиката или од поделбите на нивните влади. Во свет што е сѐ поподелен, овој принцип е поважен од кога било. Тоа е она што им овозможува на олимписките игри да останат место на инспирација, каде што спортистите од светот можат да се соберат и да го покажат најдоброто од нашето човештво. Не можеме да бидеме сѐ за сите луѓе. Олимписките игри и вредностите што тие ги претставуваат се наше најголемо богатство. Секако, спортот игра поширока улога во здравјето, инклузијата и во образованието и ќе продолжиме да го поддржуваме ова. Но нашата прва одговорност е да ги одржиме Игрите силни и значајни, за да останат извор на надеж и инспирација за идните генерации. Тука лежи нашата сила. Тоа е она што нѐ прави различни. И тоа е она што светот го бара од нас. Ова е време да размислиме не само за тоа што правиме, туку и како го правиме тоа и што значи да се биде член на ИОК. Денес да се биде член на ИОК е повеќе од титула… Станува збор за тоа да се биде застапник на моќта на спортот како сила за добро во нашите животи – рече таа, охрабрувајќи ги сите членови да земат активна улога во обликувањето на иднината на организацијата, пренесе ИОК. Г.И.































