ШАХ
Хампи Конеру се повлече од Турнирот на кандидатките за предизвикувачка на светската првенка во шах на Кипар (почнува утре), наведувајќи загриженост за личната безбедност поради зголемените регионални тензии, пишува шаховската интернет-страница „Чес“. Нејзината одлука беше потврдена во официјална комуникација, што ги поттикна организаторите да ги спроведат релевантните одредби од прописите на турнирот за да го пополнат испразнетото место и поканата е упатена до следната највисокопласирана од Серијата турнири за шахистки 2024/2025, ВМ Ана Музичук од Украина.
– По длабоко размислување донесов тешка одлука да се повлечам од Турнирот на кандидатките на ФИДЕ. Ниеден настан, без разлика колку е важен, не може да биде пред личната безбедност и благосостојба. И покрај дадените гаранции, не се чувствувам целосно безбедно во сегашните околности – изјави Конеру, пренесе „Чес“.
Осумте шахистки на Турнирот на кандидатките се Жу Џинер од Кина, Александра Горјачкина од Русија, Дивја Дешмук од Индија, Тан Жонгји од Кина, Ана Музичук од Украина, Ваишали Рамешбабу од Индија, Катерина Лагно од Русија и Бибисара Асаубаева од Казахстан. Г.И.
































