Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вкупно 197 селекции од 201 регистрирана во светот се пријавени за отворениот дел на 45. ШО што почна во Будимпешта, а и женската ШО има нов рекорд за учество, пријавени се 183 селекции. Кај мажите САД, Индија и Кина се издвојуваат како фаворити според рејтингот, со просек над 2.700, а кај жените прва е Индија, пред Грузија, Полска, Кина, Украина…

Вкупно 197 селекции од 201 регистрирана во светот се пријавени за отворениот дел на 45. Шаховска олимпијада (ШО) што почна во Будимпешта (Унгарија), што е рекорд според бројот на учесниците. САД, Индија и Кина се издвојуваат како фаворити според рејтингот, со просек над 2.700, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). САД имаат речиси оптимален состав. Фабиано Каруана, Весли Со, Лениер Домингез, Левон Аронијан и Реј Робсон имаат импресивен просечен рејтинг од 2.757.
Сепак, во тимот го нема американскиот шахист број еден, Хикару Накамура (2.802), кој не настапи и на ШО 2022. САД досега учествувале на 40 ШО и освоиле 20 медали (по шест злата и сребра и осум бронзи). Нивните неодамнешни успеси се злато во 2016-та и сребро во 2018 година, кога Накамура беше дел од тимот, пишува ФИДЕ.

На домашната ШО во Ченаи, Индија ја имаше привилегијата да игра со неколку тима, а младинскиот состав се претстави подобро од првиот. Гукеш и неговите соиграчи (Сарин, Прагнананда, Адибан, Садвани) освоија бронза, а главниот тим беше четврти. Тројца од младинскиот тим се во годинашниот состав, во кој се Арјун Еригаиси (21), Домарају Гукеш (18), Прагнананда Рамешбабу (19), Гујрати Видит (29) и Пентала Харикришна (38). Индија беше копобедник на онлајн ШО во 2020 година и освои бронзи во 2014 и 2022 година.

Кина е трет носител со просечен рејтинг од 2.724. Светскиот првак Динг Лирен (2.736) му го отстапи местото на Веи Ји (2.762), како играч со највисок рејтинг. Во тимот се и Ју Јанги, Бу Ксијангџи и Ванг Јуе. Бранителот на титулата Узбекистан е четврти носител и го има истиот состав како и пред две години, Нодирбек Абдусаторов, Јавохир Синдаров, Нодирбек Јакубоев, Шамсидин Вохидов и Јахонгир Вахидов. Со 29 години, Вахидов е „ветеранот“ на тимот, а сите други се помлади од 23 години. Поранешниот светски првак Магнус Карлсен ја предводи Норвешка, која со него беше петта во 2016-та, што е и најдобар резултат. Во тимот се и Кристијансен, Тари, Амар и Уркедал, со просечен рејтинг од 2.670 и шести почетен ранг.

И женската ШО има нов рекорд за учество, пријавени се 180 селекции, наспроти 162 во 2022 година. Најдобрите од ШО 2022, Украина, Грузија и Индија, се меѓу фаворитите и во Будимпешта. Според рејтингот, прва е Индија (2.467), пред Грузија (2.462), Полска (2.422), Кина (2.416), Украина (2.400)…

Составот на Индија е мешавина од искусни и млади шаховски ѕвезди. Тимот го предводи Харика Дронавали, која 10-ти пат е на ШО. Индијките имаат една бронза од ШО, во 2022 година. Грузија е традиционална шаховска велесила со девет медали (четири злата, две сребра, три бронзи). Златните медали беа освоени во 1990-тите години, предводени од легендарната Нона Гаприндашвили, а последниот во 2008, со друга легенда, Маја Чибурданиѕе. Во составот се познатите имиња Нана Џагнидѕе, Лела Јавахишвили, Нино Бацијашвили, Бела Хотенашвили и Саломе Мелија. Украина, петторангирана пред ШО, ќе игра без сестрите Музичук, кои се во првите 10 во светот, а во составот се Ана Ушенина, Наталија Букса, Ина Гапоненко и Евгенија Долуханова. Кина ќе настапи со нова генерација млади шахистки. Сите четири најдобри шахистки, Хоу Јифан, Ју Венџун, Тан Жонгји и Леи Тинџие, ја пропуштаат ШО. Кина, која е рекордер според освоени олимписки медали (се искачи на подиумот 14 пати), ја претставува тим од нови таленти: Жу Јинер (21), Лу Миаои (14), Сонг Јуксин (19), Гуо Чи (29) и Ни Шикун (27), пишува ФИДЕ. Засилена со Алина Кашлинскаја и со Александра Малцевскаја, Полска е на историски највисокото стартно место, трето. Моника Сочко е константна во полскиот тим од 1994 година, а Оливија Киолбаса го постигна најдобриот индивидуален ефект на ШО 2022 (9,5 поени од можни 11). Г.И.


Того и Танзанија први ривали на македонските селекции

Македонската машка шаховска репрезентација, која има просечен рејтинг 2.421 и е 62. пред почетокот на годинашната Шаховска олимпијада (ШО), во првото коло играно вчера попладне за ривал гo имаше Того (1.862, рангиран 165-ти), а женската селекција (2.026, рангирана на 57-то место) се сретна со Танзанија (1.524, рангирана 149-та). На 14 ШО досега, македонските шахисти забележале 13 победи во првото коло, од кои седум со максимални 4-0. Шахистките, пак, имаат негативен ефект на стартот. На 13 ШО оствариле четири победи, од кои три со максимални 4-0, а загубиле осум пати и имаат едно реми. Г.И.