Фото: ЕПА

АТЛЕТИКА

Ново истражување тврди дека климатските промени ги намалуваат шансите тркачите да соборат рекорди во маратон, откако студијата спроведена од американската непрофитна организација „Климат централ“ вели дека зголемените температури „ги направиле соборувањата во некои трки речиси невозможни“, пишува „Би-би-си“. Исто така, студијата предвидува дека оптималните услови за трчање, кои ги дефинира како четири степени за мажи и 10 за жени, ќе бидат помалку веројатни во 86 отсто од 221 светски маратон до 2045 година, пишува „Би-би-си“.
Берлинскиот маратон се одржа на 24 степени во септември, а Токио и Лондон, и тие меѓу седумте главни светски маратони, се одржаа на температури над 20 степени во март, односно во април. Претседателот на Светската атлетика (СА), Себастијан Коу, минатиот месец изјави дека настаните за издржливост како што е маратонот можеби ќе треба да се одржуваат одделно, во различно време од годината, во натпревари како што се светските првенства (СП) во атлетика за да се заштитат спортистите од небезбедни услови.
– На елитно ниво, условите го прават или го уништуваат настапот. Тренираме ден по ден со години и управуваме со секој аспект од нашите животи за да се тркаме најдобро што можеме, само за таа неостварлива цел да се оддалечи, бидејќи идеалните температури стануваат сѐ поретки. Климатските промени не се причина само за тоа што трките стануваат потешки, туку и за сознанието дека рекордните перформанси наскоро би можеле да бидат недостижни ако условите продолжат да стануваат потопли – вели Маири Мекленан, најбрзата Британка на Лондонскиот маратон лани, пренесе „Би-би-си“.
Студијата вели дека Токио има најголема шанса за идеални температури за елитни машки тркачи (69 отсто), но се предвидува и дека ќе има најголем пад до 2045 година. Рекордот кај мажите е намален за две минути и 22 секунди во текот на изминатите седум години, а подобрувањето на времето во голема мера се припишува на новата технологија на обувки, пишува „Би-би-си“. Г.И.